Како да знаете дали имате покачен кортизол? Ова се најчестите симптоми

„Кортизолот ја регулира реакцијата на телото на стрес, нивото на шеќер во крвта, метаболизмот, воспалителните процеси и дури и циклусот на спиење и будење“

Во последните години кортизолот сè почесто се споменува како причина за низа проблеми, од замор и несоница до наталожување масно ткиво. Иако често има негативна конотација, тоа е важен хормон кој игра значајна улога во функционирањето на телото.

„Кортизолот ја регулира реакцијата на телото на стрес, нивото на шеќер во крвта, метаболизмот, воспалителните процеси и дури и циклусот на спиење и будење“, вели д-р Ерика Армстронг за Eating Well.

Што е кортизол и зошто е важен?
Кортизолот е хормон што го лачат надбубрежните жлезди, а неговото ниво природно варира во текот на денот – највисоко е околу 30 минути по будењето, а најниско ноќе. Во стресни ситуации, нивото на кортизол нагло се зголемува за телото брзо да реагира – забрзува работа на срцето, го покачува шеќерот во крвта и го подготвува телото за акција.

Проблемот се појавува кога кортизолот е постојано покачен, и тоа без вистинска физичка закана. Долгорочно покаченото ниво на кортизол може да го наруши здравјето. Според Eating Well, тоа го зголемува ризикот од срцеви болести, мозочен удар, дијабетес тип 2 и други воспалителни состојби.

Според д-р Армстронг, единствениот сигурен начин да дознаете дали имате покачено ниво на кортизол е тестирање кај лекар. Но, постојат симптоми кои може да бидат предупредување.

Проблеми со спиењето
Ако тешко заспивате или се будите во текот на ноќта, кортизолот може да биде причина. „Кортизолот треба да биде низок ноќе, но поради стрес или пад на шеќерот во крвта може да се зголеми и да ве разбуди“, објаснува Армстронг. Истражувањата покажуваат дека повисоки нивоа на кортизол пред спиење го влошуваат квалитетот на сонот, додаваат од Eating Well.

Наталожување маснотии во пределот на стомакот
Ако се здебелувате во пределот на стомакот без промена во исхраната или физичката активност, можно е причината да е хормонална. „Кортизолот поттикнува складирање маснотии на стомакот како заштитен механизам“, додава докторката.

Осет на замор и нервоза
Кога нивото на кортизол е покачено, можно е да се чувствувате ментално напнати иако сте физички исцрпени. Докторката нагласува дека „кортизолот може да ве држи будни, но истовремено и исцрпени“. Долгорочно, покачениот кортизол може да ги ослаби когнитивните функции како паметење и концентрација.

Како природно да го намалите кортизолот и воспалението?
Намалувањето на кортизолот помага во контролирањето на воспалителните процеси во телото и го намалува ризикот од хронични болести. Еве неколку научно поддржани совети:

Противвоспалителна исхрана: Јадете намирници богати со омега-3 масни киселини, разновидно овошје и зеленчук и влакна.

Стабилизирање на шеќерот во крвта: Редовни оброци со протеини, масти и влакна може да спречат скокови на кортизол.

Управување со стресот: Медитација, свесност и редовен одмор помагаат во намалување на стресот и кортизолот.

Приоритет на сонот: Одржувајте редовен распоред на спиење и ритуали пред спиење.

Здравје на цревата: Здравата цревна микробиота ја регулира имунитетот и го намалува воспалението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни