Секојдневно ги слушаме предупредувањата на надлежните за намалена видливост и советите дека брзината мора да се прилагоди на условите на патот. Што точно значи тоа кога ќе наидеме на магла?
Пред сè, без разлика дали се работи за возење по силен дожд, меќава или густа магла, исклучително е важно да овозможиме навремено и безбедно запирање на возилото. На тој начин се избегнуваат сообраќајни несреќи и многу опасни ланчани судари, кои најчесто се случуваат во овој период од годината поради пребрзо возење во услови на магла и лизгав коловоз.
Кога се вклучуваат светлата за магла?
Ако ве затекнат услови на намалена видливост и автомобилот е опремен со светла за магла, задолжително вклучете ги – и предните и задните – за да бидете полесно забележани од возилата што доаѓаат од задната страна.
Долгите светла заборавете ги, бидејќи нивниот сноп се рефлектира од честичките магла и дополнително ја намалува видливоста.
Во случаи на екстремно лоша видливост, некои возачи покрај светлата за магла ги активираат и сите четири трепкачи, што привлекува внимание, но може да создаде забуна дали возилото стои или се движи.
Возење низ град по магла
Возењето по магла во град е нешто полесно благодарение на уличното осветлување, хоризонталната сигнализација и другите учесници во сообраќајот. Сепак, пешаците се многу загрозени, па потребно е дополнително намалување на брзината.
На отворен пат
На отворен пат, брзината е најголемиот непријател при магла. Прилагодете се на брзината на другите возила. Обидот за претекнување е еднаков на животен ризик, без разлика на силата на возилото.
Светлата за магла се многу корисни, бидејќи нивниот широк сноп ја осветлува десната страна на патот, која ви служи како ориентација. Повремено вклучете ги бришачите, затоа што на шофершајбната се собира нечистотија од маглата.
Задните светла за магла задолжително вклучете ги на отворен пат, но не заборавајте да ги исклучите кога ќе се подобри видливоста – во спротивно ги заслепуваат возачите зад вас.
Внимателно на автопат!
Дозволените 130 km/h на автопат веднаш заборавете ги кога има магла. Прилагодете ја брзината на условите. Возете внимателно зад камиони – нивните стоп-светла често се валкани и тешко се забележува кога кочат.
Запирањето на автопат поради магла е многу опасно – големи се шансите возило од задната страна да удри во вас. Продолжете до првото одмориште или бензинска пумпа.
Ако и по читањето на овој текст самата помисла на магла ви создава главоболка, размислете уште еднаш дали мора да патувате токму сега. Ако мора, бидете внимателни и среќен пат.
