Светската здравствена организација предупредува дека изложеноста на загаден воздух секоја година доведува до милиони предвремени смртни случаи ширум светот.
Клучниот виновник се честичките во воздухот, познати како PM (Particulate Matter) микроскопски непријатели кои со секој здив навлегуваат во нашето тело. Разбирањето што се овие честички и како да се заштитиме од нив е првиот чекор кон зачувување на доброто здравје.
Што се лебдечките честички (PM)?
Лебдечките честички, или PM, претставуваат сложена мешавина од цврсти честички и течни капки во воздухот.
Нивниот состав варира и може да вклучува прашина, нечистотија, саѓи, чад, метали и различни хемиски соединенија. Некои се доволно големи за да се видат со голо око, како чадот или прашината, додека други се толку мали што можат да се забележат само со електронски микроскоп.
Следниве категории се најзначајни од здравствен аспект:
PM10 – честички со дијаметар од 10 микрометри или помал. Овие „груби“ честички можат да се вдишат и да се задржат во горните дишни патишта. Потекнуваат од ерозија на почвата, градилишта, како и од согорување на горива.
PM2.5 – фини честички со дијаметар од 2,5 микрометри или помал. Поради нивната големина – околу 30 пати помала од дебелината на човечко влакно, продираат длабоко во белите дробови, сè до алвеолите. Главни извори се сообраќајот, индустријата, електраните и греењето на цврсти горива.
PM1 – ултрафини честички со дијаметар помал од еден микрометар. Тие се најопасни бидејќи се доволно мали за да ја поминат алвеоларно-капиларната бариера, да навлезат директно во крвотокот и така да стигнат до сите органи, вклучувајќи ги срцето и мозокот.
Опасностите во воздухот
Штетните ефекти од PM честичките се директно поврзани со нивната големина. Додека PM10 најчесто остануваат во горните дишни патишта, PM2.5 и PM1 претставуваат системска закана за целиот организам.
Краткорочната изложеност на високи концентрации може да предизвика симптоми како иритација на очите, носот и грлото, кашлица, стегање во градите и отежнато дишење. Кај лица со постоечки здравствени состојби, како астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), може да дојде до нагло влошување на состојбата.
Долготрајната изложеност се поврзува со развој на сериозни хронични заболувања. Научните студии јасно ги поврзуваат PM2.5 честичките со зголемен ризик од срцев и мозочен удар, рак на белите дробови и намален развој на белодробната функција кај децата. Особено ранливи се децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични срцеви и белодробни заболувања.
Како ефикасно да се заштитиме?
Иако загадувањето не може целосно да се избегне, можеме да преземеме конкретни чекори за да ја намалиме изложеноста, особено во денови со лош квалитет на воздухот.
Првиот чекор е информираноста. Редовното следење на Индексот за квалитет на воздухот (AQI) преку локални и глобални сервиси, како IQAir, е клучно. Кога нивото на загадување е високо, се препорачува:
– да се избегнуваат долготрајни и напорни активности на отворено, како трчање или вежбање
– да се престојува во затворен простор со што е можно почист воздух
Избор на соодветна маска
Доколку е неопходно да се престојува на отворено при високо загадување, изборот на маска е од суштинско значење. Шалови, марами, памучни и обични хируршки маски нудат минимална или никаква заштита од фините PM2.5 честички.
Ефикасни се само сертифицирани респираторни маски кои добро прилегаат на лицето, со ознаки N95, KN95 или FFP2. Тие филтрираат најмалку 95 проценти од честичките со големина до 0,3 микрометри. Подеднакво важно е и правилното прилегање, воздухот не смее да влегува од страните.
Безбедна оаза во домот
Загадениот воздух лесно навлегува и во затворени простории. За почист воздух во домот се препорачува:
– прозорците да се држат затворени во денови со високо загадување
– користење прочистувачи на воздух со HEPA филтри, кои ефикасно ги отстрануваат PM честичките
– избегнување уреди што создаваат озон
– намалување на изворите на внатрешно загадување: да не се пуши во затворен простор, да не се палат свеќи или темјан, а при чистење да се користат правосмукалки со HEPA филтер или влажно бришење
Во модерните, енергетски ефикасни домови, кои се речиси херметички затворени, решение можат да бидат и децентрализирани системи за вентилација со рекуперација и филтрација на воздухот.
Загадувањето на воздухот е глобален проблем што бара системски решенија, но личната одговорност и примената на заштитни мерки можат значително да го намалат ризикот по здравјето. Свесноста, прилагодувањето на секојдневното однесување и создавањето безбедна средина во сопствениот дом се најмоќните алатки што ги имаме во борбата против овој невидлив непријател.
Извор: N1info.rs
