Со доаѓањето на октомври, на пазарите повторно се појавуваат мандарините – едни од најомилените есенски овошја. Иако најчесто ги поврзуваме со плодната долина Неретва, мандарини во Македонија пристигнуваат и од Шпанија, Италија, Грција, па дури и од Јужна Америка. Без разлика од каде доаѓаат, сите сакаме исто: сочна, слатка и ароматична мандарина. Но, како да ја препознаеме уште пред да ја купиме?
Постојат неколку јасни визуелни и мирисни показатели што можат да ви помогнат да избегнете сува, кисела или горчлива мандарина.
Првиот знак што треба да го забележите е кората. Добрата мандарина има тенка, затегната кора со природен, благ сјај. Не треба да биде премногу тврда, ниту пак ниту наборана или надуена – тоа се знаци дека плодот е престарен и изгубил дел од својата сочност и вкус. Исто така, избегнувајте плодови со зелени или кафеави дамки, освен кај некои сорти кои природно имаат зеленкаст тон.
Друг важен показател е тежината. Ако мандарината е потешка отколку што изгледа, веројатно е полна со сок. Лесните мандарини најчесто се суви и влакнести.
И големината игра улога. Помалите до средно големи мандарини често се послатки, бидејќи имаат поголема концентрација на шеќери во однос на водата. Поголемите, особено оние увезени, често се вадат пред целосно да созреат, па може да бидат воденести и со блед вкус.
На крај, ако имате можност, помирисајте ја мандарината – интензивниот, свеж цитрусeн мирис околу петелката е сигурен знак дека плодот е свеж и богат со етерични масла.
Важно е да се запамети: мандарините не дозреваат по бербата. Ако се обрани прерано, ќе останат кисели и тврди, без разлика колку долго ќе стојат на собна температура. Затоа, најдобриот избор се свежите, домашни мандарини во сезона – директно од проверени производители.
Извор: Index.hr