Но, експертите предупредуваат дека постои еден јасен сигнал кој може да ви помогне да ги препознаете, а тоа е токму лошиот квалитет на сликата.
„Ако видеото изгледа како да е снимено со стар телефон или камера од ниска резолуција, треба да се запалат алармите во вашата глава,“ вели професорот по компјутерски науки Хани Фарид од Универзитетот во Калифорнија, еден од водечките истражувачи во областа на дигиталната форензика и откривање „длабоки фалсификати“.
Современите генератори на видеа, како што се Veo на Google и Sora на OpenAI, веќе создаваат снимки со исклучителен реализам. Претходно, луѓето можеа да ги препознаат по детали како дополнителни прсти или искривен текст, но денес грешките се многу посуптилни: ненормално мазна кожа, чудни движења на косата или неправилности во позадината.
Токму затоа, многу AI-видеа намерно се прикажуваат во понизок квалитет, заматени, со зрнест изглед или прекумерна компресија. „Кога видеото е лошо, станува потешко да се забележат мали аномалии кои откриваат дека е лажно,“ објаснува Фарид.
Освен резолуцијата, експертите наведуваат уште два индикатора: должината и компресијата. Поголемиот дел од AI-видеата се многу кратки, обично од 6 до 10 секунди, бидејќи создавањето на подолги записи е скапо и технолошки ризично, колку е подолго, толку е поголема веројатноста алгоритмот да направи грешка.
Покрај тоа, манипулаторите често намерно ја намалуваат резолуцијата и додаваат вештачка компресија за да ги сокријат визуелните артефакти што ги создава AI.
Професорот Метју Стам од Универзитетот Дрексел предупредува дека овие визуелни знаци наскоро ќе исчезнат. „За две години, овие траги веројатно целосно ќе исчезнат од видеата – како што веќе исчезнаа кај AI-сликите,“ вели тој.
Сепак, научниците не се откажуваат. Нови форензички методи овозможуваат откривање на статистички „отпечатоци“ што ги оставаат алгоритмите при создавање на лажни снимки — нешто што човечкото око не може да го забележи.
Стручњаците по дигитална писменост, како Мајк Колфилд, предупредуваат дека мораме да го смениме начинот на кој ја перцепираме вистината онлајн. „Во иднина, видеата ќе мора да ги третираме како текстови – нивната веродостојност нема да зависи од тоа колку изгледаат реално, туку од тоа кој ги објавил, кога и во каков контекст,“ вели тој.
Како што вели Стам:
„Ова е најголемиот предизвик за безбедност на информациите во 21 век. Но не е нерешлив. Ќе ни треба комбинација од технологија, образование и свесност и многу внимателност.
Извор: BBC