Со доаѓањето на есента и студените денови, многумина забележуваат дека косата губи сјај, мекост и еластичност. Наместо да се потпираме на агресивна козметика, природните состојки кои веќе ги имате дома можат да направат чуда за вашата коса – особено за сувите врвови.
Првиот чекор е шишање. Сувите и оштетени краеви се главна причина за кршење и губење на здрав изглед. Ако се шишате на секои шест недели, во студените месеци доволно е и на два месеци.
Изберете шампони кои ја јакнат косата и ѝ даваат сјај. Не користете еден ист шампон подолго време – косата се навикнува и ефектот се намалува.
Природна нега со сода бикарбона и јаболков оцет:
Измешајте сода бикарбона со вода во однос 1:3, нанесете на сува или влажна коса од корен до врв и оставете да делува 3 минути. Потоа исплакнете прво со вода, па со мешавина од јаболков оцет и вода (однос 1:4). За пријатен мирис, додајте неколку капки етерично масло од лаванда, рузмарин или нане. Завршете со кратко плакнење со ладна вода.
Домашни регенератори
Природниот регенератор штити, омекнува и ја зајакнува косата. Ви треба само едно жолчке и четвртина лимон. Изрендајте малку кора од лимон, измешајте ја со жолчката, и нанесете ја смесата на претходно измиена коса. Оставете да делува 5 минути, па исплакнете со млака вода во која сте додале неколку капки етерично масло од рузмарин.
Маски и природни масла
За подлабока нега и сјај, направете маска со маслиново масло и мед – измешајте ги во еднаков однос, нанесете од врвовите кон коренот, завиткајте ја косата во капа и топол пешкир, оставете 30 минути и потоа измијте со шампон.
Медот е богат со витамини и дава сјај, а маслиновото масло ја навлажнува и штити сувата коса.
Третмани со билки
- Рузмарин: сварете неколку гранчиња 10 минути, оладете и исплакнете ја косата со чајот.
- Камилица: се користи на ист начин, одлична за светла коса.
- Коприва: ставете ја во тегла со маслиново масло, оставете 3 недели на ладно и темно место. Маслото потоа користете го за масажа на скалпот.
- Чичково масло: подобрува циркулација и стимулира раст на косата.
Природните решенија не само што се ефективни, туку и економични – а резултатите се видливи по само неколку третмани. Подгответе ја вашата коса за ладните денови и вратете ѝ го сјајот без хемикалии!