Како да ја одржите формата за време на празниците

Празниците носат радост, дружење и богати трпези, но и предизвик за сите што сакаат да останат во форма.

Мирисот на домашни јадења, слатките и чашката повеќе лесно можат да нè оддалечат од здравите навики, но тоа не мора да значи дека целиот труд од изминатите месеци ќе пропадне. Со малку свесност и умереност, можно е да се ужива во празничната атмосфера без чувство на вина.

Една од најчестите замки за време на празниците се пијалаците. Алкохолот и засладените напитоци често носат повеќе калории отколку што сме свесни, а не даваат чувство на ситост. Затоа, подобро е вниманието да се насочи кон храната, а пијалаците да се консумираат умерено, со чаша вода меѓу нив. Така, телото останува хидрирано, а апетитот полесно се контролира.

На празничната трпеза е лесно да се преполни чинијата и да се посегне по уште една порција, дури и кога гладта одамна е задоволена. Често тоа е резултат на возбуда и уживање во вкусовите, а не вистинска потреба. Ако сепак се јави желба за дополнување, најдобро е изборот да падне на зеленчук или полесни јадења, наместо на тешки и калорични прилози.

Некои луѓе во овој период практикуваат и повремен пост, на пример со прескокнување на појадокот на денот кога следи обилен ручек. Овој пристап може да помогне вкупниот дневен внес да остане под контрола и да се ужива во главниот оброк без грижа. Истовремено, убав гест е и самите да придонесеме на трпезата со поздраво јадење, печен зеленчук, салата или полесен прилог што ќе внесе баланс меѓу потешките специјалитети.

Празниците не се време за опсесивно броење калории. Постојаното следење може да создаде непотребен стрес и да го наруши уживањето. Многу поважно е да се слуша сопственото тело и да се одржи рамнотежа, малку од омилените јадења, но и доволно храна за која знаеме дека ни годи.

Честите патувања се уште еден предизвик, бидејќи брзата храна станува најлесна опција. Со малку планирање, тоа може да се избегне со здрави ужинки понесени од дома. Во исто време, не треба да се заборави ниту водата, жедта често се меша со глад, а редовната хидратација помага и за варењето и за општото чувство на леснотија.

Иако распоредот за време на празниците е исполнет со обврски, корисно е денот да започне со кратко движење. Дури и половина час прошетка или лесно вежбање наутро може значително да го подобри расположението и да даде чувство на контрола, без оглед на тоа што ќе следи подоцна во денот.

На крајот, не треба да се потценува улогата на умот и одморот. Позитивниот став и благодарноста кон сопственото тело помагаат полесно да се носиме со искушенијата, а квалитетниот сон е неопходен за хормоналната рамнотежа и справување со стресот. Кога телото е одморено, многу полесно е да се прават добри избори.

Празниците се кратки, а навиките што ги негуваме траат многу подолго. Со умереност, свесност и грижа за себе, можно е да се ужива во секој залак и секој момент, без да се жртвува здравјето и формата.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни