Како правилно да го исчистите автомобилот затрупан со снег – што мора да направите пред да го вклучите греењето

Неколку минути повеќе наутро можат да спречат оштетувања на возилото и сериозни ризици во сообраќајот за време на зимските денови

За многу возачи низ светот, и ова зимско утро започна со истата слика – автомобил целосно покриен со снег и мраз. Во обид побрзо да се тргне на пат, често се применуваат импровизирани и „брзи“ методи за чистење, но неправилното отстранување на снегот и мразот може да доведе до оштетување на возилото, а уште поважно – до сериозни безбедносни ризици во сообраќајот.

Пред сè, уште пред да започне чистењето и пред да се вклучи греењето, неопходно е да се провери дали издувната цевка е целосно слободна од снег и мраз. Доколку издувот е затнат, постои ризик јаглеродниот моноксид да навлезе во внатрешноста на возилото, што може да биде исклучително опасно. Откако ова ќе се провери, се препорачува постепено вклучување на грејачите на предното и задното стакло, кои помагаат мразот полесно да се оддели од површината и ја намалуваат потребата од агресивно стружење.

Иако на прв поглед изгледа практично, полевањето на замрзнатото стакло со топла или врела вода може да предизвика сериозни оштетувања. Наглата температурна разлика создава напон во стаклото, што често резултира со пукнатини и скапи поправки. Од истите причини, не се препорачува користење отворен оган или импровизирани грејни уреди. Кај замрзнати делови како рачките на вратите, подобро решение е внимателно отстранување на мразот со ладна вода и мека четка.

Изборот на соодветна опрема за чистење е исто така клучен. Металните стругачи и несоодветните алатки можат да го изгребат стаклото или да го оштетат лакот на возилото. Најбезбедна опција е употреба на пластичен стругач во комбинација со мека, неабразивна четка наменета за снег. Несоодветните четки и „домашни раствори“ можат да остават микроскопски оштетувања кои со време стануваат сè поочигледни.

При чистење, најдобро е да се започне од покривот на автомобилот и постепено да се движи надолу. Со ваков пристап се спречува повторно натрупување на снегот врз веќе исчистените површини. Посебно внимание треба да се посвети на предното и задното стакло, хаубата и багажникот. Целта е на возилото да не останат поголеми наслаги кои при возење би можеле да се одвојат и да ја загрозат видливоста или безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Темелното чистење на автомобилот не е само прашање на естетика, туку и на одговорност. Снегот и мразот што паѓаат од покривот или хаубата за време на возење можат да предизвикаат опасни ситуации, особено на автопат или при поголема брзина. Неколку дополнителни минути и соодветна опрема можат да спречат несакани последици и да го заштитат и возилото и останатите возачи на патот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни