Сонцето пржи – не само вас, туку и вашиот телефон: Како да ги заштитите уредите од летната жега?

Летните одмори со високи температури не се предизвик само за вас, туку и за вашите електронски уреди. Додека планирате патување во топли региони, важно е да запомните дека мобилните телефони, таблетите и другите „паметни“ придружници не ја толерираат жегава многу добро.

Летните одмори се во полн ек, додека многумина само се подготвуваат за патувања на топли и сончеви места, се разбира, со мобилни телефони, таблети и други електронски уреди кои се неопходен дел од патувањето.

Сепак, додека температурите низ целиот југ на Европа, во земји како Шпанија, Италија и Грција, достигнуваат екстремни вредности, не треба да заборавиме дека вашите уреди можат да „страдаат“ и од прекумерна топлина.

Еве што советуваат производителите на уреди и експертите за да ја заштитите вашата технологија од топлината.

Што прави високата температура со телефонот?

Електронските уреди најдобро работат во одреден температурен опсег.

На пример, Apple препорачува користење на iPhone и iPad уреди на температури помеѓу 0 и 35 степени Целзиусови.

Доколку се користат на повисоки температури, може да има промени во работењето на уредот, па дури и трајно скратување на животниот век на батеријата.

Телефонот може да се загрее и при нормална употреба при безжично полнење, преземање големи датотеки, стримување видео со висок квалитет или користење апликации со високи барања.

Samsung забележува дека ова е нормално и не треба да влијае на перформансите на уредот.

Што ако телефонот се загрее премногу?

Ако вашиот телефон се загрее толку многу што е непријатно да го држите во рака, се препорачува веднаш да престанете да го користите.

Уредите како iPhone во овој случај автоматски прикажуваат предупредување дека мора да се оладат пред да продолжат да го користат. Истото важи и за Android телефоните – екранот ќе се затемни, апликациите ќе се затворат, а полнењето ќе биде привремено прекинато.

Што не треба да се прави?

-Не го оставајте телефонот во автомобилот на сонце, внатрешноста може да достигне над 60°C.
-Не го изложувајте на директна сончева светлина подолг временски период, особено додека користите функции со високи барања како што се GPS, видео игри или камерата.
-Доколку го полните уредот, избегнувајте да користите апликации што трошат многу енергија истовремено – ова ја зголемува температурата уште повеќе.

Како безбедно да го изладите телефонот?

Најефикасниот начин да го изладите вашиот уред е целосно да го исклучите.

Дури и процесите што работат во позадина можат да генерираат топлина.

Отстранете ја заштитната маска, бидејќи може да ја зароби топлината и држете го уредот подалеку од сонцето – ставете го во климатизирана просторија или пред вентилатор.

Но, никогаш не го ставајте во фрижидер или замрзнувач бидејќи студениот воздух може да предизвика кондензација, а влагата може трајно да ги оштети внатрешните компоненти.

Исто како што се заштитувате од сонцето, не заборавајте ги и вашите електронски придружници. Малку внимание може да го спаси вашиот телефон и вашите нерви за време на летните горештини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни