Како богатите земји ќе плаќаат за климатските катастрофи, додека Азербејџан продолжува со нафтата и гасот?

Во Баку, Азербејџан, започна долгочекуваната климатска конференција на Обединетите нации (COP29), која собира шефови на држави и влади од речиси 200 земји. Оваа година, фокусот е на тоа колку развиените земји ќе плаќаат на земјите во развој за справување со климатските промени. Парадоксално, конференцијата се одржува во земја која, иако се соочува со глобални климатски предизвици, не планира да се откаже од фосилните горива, туку напротив – продолжува со нивната експлоатација, како главен економски ресурс.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на априлскиот Петерсбершки дијалог во Берлин, изјави: „Како земја богата со фосилни горива, ќе го браниме правото на другите земји да ги користат овие ресурси и да инвестираат во нив.“

Но, додека богатите земји се обврзале да обезбедат 100 милијарди долари годишно за помош на земјите во развој за справување со последиците од климатските промени, реалноста покажува дека оваа сума не е доволна. Многу земји во развој, особено африканските земји и Индија, бараат многу поголем износ – 1 билион долари годишно, што би претставувало десеткратно зголемување на претходно договорената сума.

Во исто време, критиките за начинот на кој се делат овие средства се повеќе, особено за тоа што голем дел од овие средства се понудени како заеми со високи камати, кои се гледаат како нови долгови, а не како вистинска помош. Азербејџан, со своите значителни приходи од нафта и гас, но и со голем потенцијал за обновливи извори на енергија, продолжува да се потпира на фосилни горива, што е контрадикторно на глобалните климатски цели.

Како ќе се одвиваат разговорите во Баку?

Целта на COP29 е да се постигне финансиска рамнотежа помеѓу индустријализираните и земјите во развој. Земјите кои се историски најголеми виновници за климатската криза, како САД и Европа, се обврзаа на сериозни финансиски обврски. Но, некои големи земји, како Кина, иако најголем производител на гасови со ефект на стаклена градина, сè уште се третираат како земји во развој.

Од друга страна, богатите нафтени земји од Заливот, како Обединетите Арапски Емирати, исто така се сметаат за земји во развој, што ја прави целата финансиска поддршка комплексна и контроверзна.

Колку сме далеку од климатската цел?

Со усвојувањето на Парискиот климатски договор, 197 земји се обврзаа да го ограничат загревањето на Земјата на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период, но реалноста е далеку од овие цели. Според моменталната климатска политика, научниците предвидуваат дека загревање од 3,2 степени до крајот на векот е реално.

Што следува?

Дали оваа конференција ќе успее да ја исправи финансиската нерамнотежа помеѓу богатите и сиромашните земји? Ќе се постигне ли договор кој ќе го забрза преминот на светот кон одржлива економија?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни