Иако реториката за можен излез на САД од НАТО се појавува во политички дебати, експертите нагласуваат дека станува збор за исклучително сложен и ограничен процес. Според американското законодавство, претседателот на САД не може еднострано да ја повлече земјата од Алијансата без двотретинско мнозинство во Сенатот или одобрение од Конгресот.
Правни ограничувања и политички судири
Иако постојат обиди да се заобиколат процедурите преку овластувања во надворешната политика, таков потег би довел до сериозен институционален судир меѓу Белата куќа и Конгресот на САД. Во крајна линија, ваков спор би завршил на суд, што дополнително ја комплицира можноста за брз или едностран излез од НАТО.
Факт е дека од формирањето на НАТО во 1949 година, ниту една земја целосно не го напуштила Алијансата. Постојат само две делумни исклучоци и тоа Франција во 1966 година се повлече од интегрираната воена структура, но остана членка на НАТО, а Грција привремено ја напушти воената структура во 1974 година, но се врати во 1980 година.
И во двата случаи, политичкото членство останало непроменето.
Што предвидува член 13?
Правилата на НАТО се јасни: секоја членка може да се повлече една година по официјално известување до Владата на САД, која е депозитар на договорот. Тоа значи дека теоретски секоја држава може да излезе со политичка одлука, но процесот трае најмалку една година.
Евентуалното повлекување на САД би имало драматични последици за НАТО.
Алијансата би останала без најголемиот воен капацитет, нуклеарниот „чадор“ и глобалната логистика и разузнавање. Европските земји би биле принудени значително да ги зголемат одбранбените буџети и да развијат посилна заедничка безбедносна структура.
Таков развој би можел да ја дестабилизира безбедносната состојба во Европа, особено во контекст на војната во Украина и тензиите со Русија. НАТО би ја изгубил позицијата на најмоќен воен сојуз во светот, што би можело да го промени глобалниот баланс на сили и да ги зајакне позициите на Кина и Русија.
Иако правно постои механизам за излез од НАТО, во пракса станува збор за исклучително сложен процес со огромни политички и безбедносни последици. Евентуален потег на САД би го променил не само европскиот, туку и глобалниот безбедносен поредок кој постои повеќе од 70 години.