Како бесплатните апликации заработуваат пари?

Ако нешто користите и не плаќате ништо за тоа, тогаш големи се шансите вие да сте производот што се продава, а не корисникот.

Ниту еден од речиси трите милијарди корисници во светот не платил за услугата за користење или преземање на апликацијата WhatsApp. Па, како таа заработува?

Корисниците на апликацијата за разговор „WhatsApp“ секојдневно разменуваат десетици, па дури и стотици пораки. Без разлика колку се возбудливи или здодевни разговорите што ги водиме со членовите на семејството, пријателите и колегите на таа платформа, комуникацијата е шифрирана.

Нашите безгрижни разговори користат моќни компјутерски сервери на WhatsApp лоцирани во различни центри за податоци ширум светот.

Тоа воопшто не е евтино, а сепак ниту еден од речиси трите милијарди корисници во светот не платил за услугата за користење или преземање на апликацијата. Па, како WhatsApp заработува пари?

Сигурно помага тоа што WhatsApp има огромна матична компанија зад себе – Мета, која исто така ги поседува Facebook и Instagram.

Индивидуалните, лични профили на оваа платформа се бесплатни бидејќи WhatsApp заработува пари од корпорации кои сакаат да комуницираат со такви „мали“ корисници.

Фото: Christoph Scholz/Flickr

Од минатата година, компаниите можат бесплатно да отвораат канали на WhatsApp за да можат да испраќаат пораки што ќе ги чита секој што ќе избере да се претплати. Сепак, она за што плаќаат е можноста за интеракција со индивидуални клиенти преку апликацијата. Тоа може да биде разговор или трансакција.

Во индискиот град Бангалор, на пример, можете да купите автобуска карта и да го изберете вашето место преку апликацијата WhatsApp.

„Нашата визија, ако го сфатиме ова правилно, е дека бизнисот и клиентот треба да можат да ги завршуваат работите во разговорот“, објаснува Никила Сринивасан, потпретседател за деловни пораки во Мета.

„Тоа значи дека ако сакате да резервирате билет, ако сакате да вратите нешто што сте го купиле, ако сакате да платите, треба да можете да го направите тоа без да го напуштите разговорот. А потоа само продолжете со другите разговори“.

Бизнисите сега можат да изберат да платат и за врска што започнува нов разговор директно од онлајн реклама на Facebook или Instagram до лична сметка.

Никила Сринивасан вели дека само оваа опција вреди „неколку милијарди долари“ за технолошкиот гигант.

Другите апликации за пораки тргнаа по различни патишта. Сигнал, платформа позната по своите индустриски стандардни безбедносни протоколи за пораки, е непрофитна организација.

Тие тврдат дека никогаш не зеле пари од инвеститорите (за разлика од апликацијата Telegram). Сигнал работи, според нив, благодарение на донациите, кои вклучуваат 50 милиони долари во готовина од Брајан Актон, еден од основачите на WhatsApp.

„Нашата цел е што е можно поблиску до тоа да бидеме целосно поддржани од мали донатори, односно голем број помали донации од луѓе кои се грижат за Сигнал“, напиша претседателката на компанијата Мередит Витакер во блог пост минатата година.

Фото: Ivan Radic/Flickr

Discord, апликацијата за разговори што најчесто ја користат младите обожаватели на видео игри, има опција freemium – регистрацијата е бесплатна, но дополнителната функционалност, вклучително и пристапот до игрите, треба да се плати.

Платформата нуди и платено членство наречено Nitro, со поволности кои вклучуваат висококвалитетен стриминг и сопствени емотикони, за месечна претплата од 9,99 долари.

Snap, компанијата зад Snapchat, комбинира неколку модели на финансирање. Рекламите се појавуваат во апликацијата, потоа 11 милиони корисници плаќаат претплата од август 2024 година, а компанијата продава и очила за проширена реалност наречени Snapchat Spectacles.

Компанијата има уште еден трик во ракавот – според веб-страницата Форбс, помеѓу 2016 и 2023 година, компанијата заработила речиси 300 милиони долари само од камата. Сепак, главниот извор на приход на Snap е рекламирањето, кое носи повеќе од четири милијарди долари годишно.

„Елемент“ со седиште во ОК им наплаќа на владите и големите организации да го користат неговиот безбеден систем за пораки. Клиентите ја користат технологијата на компанијата, но ја извршуваат сами, на нивните приватни сервери.

Компанијата, која работи 10 години, има „двоцифрен милионски приход“, вели нејзиниот ко-основач Метју Хоџсон. Тој верува дека најпопуларниот бизнис-модел за апликации за пораки останува трајниот дигитален фаворит – рекламирањето.

„Многу платформи за пораки продаваат реклами така што следат што прават луѓето, со кого разговараат, а потоа ги насочуваат кон најдобрите реклами“, објаснува Хоџсон.

Идејата е дека дури и ако има шифрирање и анонимност, апликациите не треба да ја гледаат вистинската содржина на пораките што се споделуваат за да научат многу за нивните корисници, а потоа можат да ги користат тие податоци за да продаваат реклами.

„Тоа е старата приказна – ако сте корисник на нешто и не плаќате за ништо, тогаш големи се шансите вие ​​да сте производот“, додава Хоџсон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни