Како ќе го делиме мачорот? Никако, не се дели ништо, се разведуваат родителите а не децата!

Вчера во Театар за деца и младинци се одигра премиерата на едно врвно театарско достигнување и за деца и возрасни „Како ќе го делиме мачорот“ по текст и режија на Јане Спасиќ.

Претставата колку што е за деца, толку е и за возрасни бидејќи се занимава со една доста актуелна тема – разводот.

Ја следев многу внимателно, како и сите во салата, ме преплави со емоции, во еден момент се смееш, во еден плачеш, всушност како и животот кој е преполн со секакви моменти! Таа може да се следи од аспект на сите ликови во претставата, затоа што сигурно е дека сите сме се нашле во некоја од улогите или како деца или како возрасни. Навистина ремек дело во кое се наоѓа решение за оваа промена во едно семејство. Да, разводот како и бракот е промена и ако гледаме трезвено така и ќе разбереме, мора да престанеме да го третираме овој проблем како табу тема и да му приоѓаме со страв и на децата да им приредуваме стрес и непријатни ситуации.

Искра, еден од нараторите во претставата, покрај мачорот сосема искрено и невино се прашува како и сите деца кои се нашле во таа ситуација: Па сега дали ќе се селиме? Дали ќе ме избегнуваат другарките? Дали воопшто ќе имам другари и другарки? Ќе сака ли некој да се дружи со мене? Дали ќе се смират можеби мама и тато? И погрешно е кога децата бараат одговори,  а родителите не им ги даваат. Тогаш се случуваат траумите и стресовите. Така се случи и со Огнен, најстарото дете од семејството Неделковски кое беше во процес на развод. Требаше ли Оги да избега од дома за родителите да научат да се однесуваат трезвено и мирно во интерес на сите?!

Во семејството Неделковски има и уште едно дете, најмалата Еми, Ангела Димитрова,која е навидум „распекмезена“ а всушност е исплашена и не сфаќа што се случува, а утеха бара во нејзината сестра Искра која е секогаш тука за неа. Односите меѓу братот и сестрите во семејството се прикажани на најдобар начин и во најдобро светло, токму такви какви што треба да бидат, проследени со љубов и разбирање.

Забораваме ли во некој момент да бидеме и ние добри браќа, сестри, пријатели, родители??? Забораваме! Да! Тогаш се случуваат лошите работи. Во оној момент кога ќе ја изгубиме конекцијата со себе и со се она што не обликувало како луѓе со вредности, тогаш е време да се запрашаме дали можеби поинаку требаше да постапиме и да изиграме во некоја епизода од животот. Но, како што е и самиот крај на претставата, токму таков е и животот, на моменти се чини суров, ама на моменти толку емотивен и преполн со љубов. Родителите го премостуваат гневот и бесот во себе и конечно почнуваат да разговараат на еден нормален начин. Разводот и не е понатаму толку страшен и стресен за нивните деца, затоа што тие сфаќаат дека тој однос е нездрав за сите.

Од друга страна, глумата на сите актери воодушевува, Матеа Јанковска браво!!! Блесна на сцена со нејзината леснотија со која ја донесе улогата на младата писателка Искра. Мачорот, Ненад Митевски, е можеби најкомплексен лик во претставата, тој се јавува во улога на мачор, полицаец, најдобар другар на Оги и сите тие улоги се подеднакво важни за да се долови емоцијата на Искра, Оги, Еми и на мачорот. И сите останати, Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Ангела Димитрова и Марија Ѓорѓијовска, сите беа прекрасни и моќни во нивната изведба. Моќни затоа што од нив извираа емоции и предизвикаа емоции.

Театар за деца и младинци вака успешни да терате напред, за малите и големите деца да научат или можеби да се потсетат што се вистински вредности и родители носете ги деца почесто на театар, добро е и за нив, добро е и за вас!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни