Новиот систем за влез во земјите на Европската Унија – ETIAS (Европска електронска авторизација за патување) ќе влезе во сила во мај 2025 година. Издавањето на ETIAS дозвола е услов за влез за граѓаните кои се ослободени од виза, а кои патуваат во било која од 30-те европски земји.
Што подразбира системот ETIAS?
ETIAS ќе подразбира издавање на патна дозвола која ќе чини 7 евра. Таа ќе биде поврзана со пасошот на патникот и ќе важи до три години или додека пасошот не истече, во зависност кој услов прво ќе се исполни.
Дали ќе треба сите да плаќаат за ETIAS?
Ако во одреден период повторно извaдите пасош, ќе мора да аплицирате и за нова ETIAS дозвола.
Меѓутоа, самата ETIAS дозвола не гарантира автоматски влез. При пристигнување на граничниот премин, полицаецот ќе побара да ја покажете вашата патна исправа и други документи за да провери дали ги исполнувате условите за влез.
Новите системи ќе бидат воведени за да се зголеми безбедноста и сигурноста во Европската Унија.
Што е потребно за аплицирање?
При пополнување на апликацијата за издавање на ETIAS дозвола, ќе ви бидат потребни важечки патен документ и картичка за плаќање. Исто така, ќе треба да наведете лични податоци.
Вашиот патен документ не смее да истекува за помалку од три месеци и не смее да биде постар од 10 години, се наведува на официјалната страница на Европската Унија.
Патниот документ кој не ги исполнува меѓународните стандарди може да биде одбиен во процесот на апликација.
Како ќе изгледа издавањето на дозволата?
Образецот за апликација за издавање на дозволата може да се пополни преку официјалната ETIAS веб страница или ETIAS мобилната апликација кои се во подготовка, се објаснува на официјалната страница на Европската Унија.
Апликацијата за ETIAS можете да ја поднесете сами или можете да назначите трета страна – друга личност или комерцијален посредник (туристички агент) да ја поднесе во ваше име.
Третата страна исто така ќе ја поднесе вашата апликација преку официјалната ETIAS веб страница или мобилната апликација.
И вие и третата страна ќе треба да потпишете изјава за застапување. Оваа изјава му дозволува на третиот субјект да ја пополни и поднесе апликацијата за ETIAS патна дозвола:
- во ваше име,
- во име на малолетно лице за кое имате старателство
- во име на лице над кое вршите законско старателство
Погрижете се да сочувате копија од потпишаниот документ во вашите записи – тоа претставува доказ дека сте овластиле друга личност да ја поднесе вашата апликација и да ги доверите вашите лични податоци.
Кој е ослободен од плаќање на дозволата?
Патниците кои се помлади од 18 или постари од 70 години се ослободени од уплата на 7 евра за издавање на дозволата. Истовремено, исклучени се и членовите на семејствата на државјани на ЕУ или оние кои не се државјани на ЕУ и имаат право на слободно движење низ Европската унија.
Кога може да бидете одбиени?
Ако податоците што сте ги дале во апликацијата се неточни, вашата ETIAS патна дозвола може да биде одбиена, повлечена или поништена.
Нема да ви биде дозволен влез во европските земји кои бараат ETIAS ако податоците во вашиот патен документ не одговараат на податоците во вашата ETIAS патна дозвола.
Обратите внимание на вообичаените грешки при пополнување на формуларот, како што е користењето на бројот 0 наместо буквата O или обратно, при внесување на бројот на вашиот патен документ.
Важно е да внимавате на овие детали, бидејќи ETIAS патната авторизација е поврзана со бројот на вашиот патен документ: ако бројките не одговараат, ќе бидете одбиени при апликација и влез на границата – се наведува на официјалната страница.
Исто така, задолжително наведете емаил адреса на која имате пристап. Оваа емаил адреса ќе биде користена за целата комуникација во врска со вашата патна авторизација.
Внимателно прегледајте го образецот за апликација и исправете ги сите грешки пред да го испратите.
Апликацијата ќе биде одбиена ако подносителот на апликацијата:
- користи патен документ кој е пријавен како изгубен, украден, неправилно присвоен или поништен
- ако се смета за безбедносен ризик, ризик од илегална имиграција или висок ризик од епидемија
- не одговори на барање за дополнителни информации или документација во предвидениот рок, или не присуствува на интервјуто
- ако претходно му е одбиен влез и престој, со одговарачки сигнал во релевантниот информациски систем
- Апликацијата ќе биде одбиена и ако постојат оправдани сомнежи во доверливоста и точноста на податоците, изјавите или документите што подносителот на апликацијата ги доставил.