Зачинот што е добар за срцето, мозокот и слабеењето

Какаото, кога се консумира во чист и непреработен облик, може да има позитивно влијание врз здравјето, расположението и контролата на телесната тежина.

Какаото одамна не е само состојка за десерти, туку сè почесто се препознава како функционална намирница со бројни здравствени придобивки. Ако се додаде во смути, грчки јогурт или се измеша со топло млеко, може да се добие напиток што е и вкусен и хранлив, а истовремено може да помогне и во регулирањето на телесната тежина.

Стручните извори наведуваат дека какаото е богато со антиоксиданси и има антиинфламаторно дејство, а особено се издвојува по позитивното влијание врз срцето, мозокот, кожата и циркулацијата на крвта. Во последниве години, токму поради овие својства, какаото стана популарно и меѓу љубителите на здрава исхрана, а неговата употреба е сè почеста во различни здрави рецепти и напитоци.

Сепак, здравствените придобивки важат само доколку се користи чисто, горко какао, без додадени шеќери и адитиви. Многу комерцијални мешавини содржат засладувачи и вештачки состојки, поради што се препорачува избор на органско, минимално преработено и сурово какао, обработено на ниски температури за да се зачуваат хранливите материи.

Какаото потекнува од екваторијалните региони на Централна и Јужна Америка и уште во времето на Маите и Ацтеките било почитувано како „света храна“. Во Европа било донесено во 16 век, а денес е познато како еден од најбогатите природни извори на полифеноли, особено флаваноли – соединенија кои имаат силно заштитно дејство врз клетките.

Редовната, умерена консумација на чисто какао може да помогне во намалување на крвниот притисок, подобрување на протокот на крв во мозокот и кожата, како и во намалување на „лошиот“ ЛДЛ холестерол. Благодарение на соединенија како фенилетиламин и триптофан, какаото може позитивно да влијае и врз расположението, поттикнувајќи лачење на ендорфини.

Во контекст на слабеењето, какаото може да придонесе за чувство на ситост доколку се консумира во мали количини и во чист облик, како незаcладен какао-прашок или темно чоколадо со висок процент на какао. Истражувањата укажуваат дека ваквата форма може да биде поврзана со понизок индекс на телесна маса.

Сепак, какаото содржи стимуланси како кофеин и теобромин, поради што не се препорачува во вечерните часови или кај лица со срцеви аритмии. Иако е хранливо, какаото не е нискокалорично, па експертите советуваат умереност, со препорачана дневна доза од околу 20 грама.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни