Кафето поскапува поради климатските промени, а можно е ново зголемување поради царините на Трамп

Цените на суровото кафе во светот се двојно зголемени во текот на само неколку месеци, откако производството беше намалено поради неповолните временски услови. Дополнителен пораст на цените се очекува и поради најавеното воведување на царини од страна на САД за увоз на стоки од сите земји.

И покрај тоа што екстремната топлина и сушата ги намалија прогнозите за принос во Бразил и Виетнам – двете најголеми земји производители на кафе – сепак се очекува пораст на глобалното производство. Но, тој нема да биде на нивото што го посакуваа инвеститорите на пазарот со суровини, пренесува Асошиетед прес.

Сето тоа доведе до скок на цените на кафето, пред сè поради континуираната голема побарувачка во Европа, САД и Кина.

Иако цените го достигнаа врвот во февруари, и натаму остануваат високи, што ги принуди пржарниците да одлучуваат колку од зголемените трошоци ќе апсорбираат сами, а колку ќе префрлат на потрошувачите.

Во март, суровото кафе чинеше повеќе од двојно во споредба со цената од септември. Станува збор за кафе од средна класа, додека специјалните сорти кои се одгледуваат во специфична клима за побавен раст и подобар вкус, можеа да достигнат и повисоки цени.

Царините од 10 отсто, кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, се однесуваат на повеќето земји производители на кафе, вклучувајќи ги Бразил, Етиопија и Колумбија, и се очекува да ги зголемат трошоците за американските увозници и потрошувачи.

Американските пржарници ги преиспитуваат своите синџири на снабдување во сенка на хаотичните објави од Трамп – прво најави царини од 46 отсто за увоз од Виетнам и 32 отсто за Индонезија, а потоа нивната примена ја одложи.

Најдоброто кафе во светот расте во близина на Екваторот, каде побавниот раст овозможува зрната да развијат покомплексен вкус.

Во февруари, глобалниот извоз на сурово кафе се намали за 14,2 отсто во споредба со истиот месец претходната година, покажува извештајот на Меѓународната организација за кафе.

Недостигот доведе до највисоки цени на сурово кафе досега, надминувајќи го рекордот од 1977 година, кога силен мраз уништи 70 отсто од насадите со кафе во Бразил.

Сепак, климатските промени не се единствениот фактор што ги движи цените нагоре. Инфлацијата исто така ги зголемува трошоците за работна сила, ѓубрива и кредити.

Дополнително, дел од неодамнешниот раст на цените можеби се должи и на тоа што увозниците купуваат поголеми количини однапред, пред Трамповите царини да стапат на сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни