Дел од кафе-книжарниците кои може да ги пронајдете денес низ градот се пример за локали кои освен понудата на кафе, нудат и дополнителна уметничка програма со што активно придонесуваат во културната програма за граѓаните. Со тоа, тие стануваат важен дел од духот на Скопје во обид да се надополни чувството за недостаток на простори и површини за ширење на уметност и култура. Овој концепт е одамна развиен и особено популарен во европските метрополи, но и кај нас во последниве години, полека добива свое препознавање и станува специфичен вид на угостителство, кој е многу повеќе од конзумирање на пијалак. Овој тип на места имаат потенцијал да бидат стожер на независната култура, да бидат поттик за поинаков дијалог меѓу просторот и заедницата, а со тоа и вистинско освежување во понудата. Издвоивме неколку вакви места кои може да ги посетите низ централното градско подрајче кога сте во потрага по малку мир од секојдневните обврски или сакате да пронајдете ново четиво за себе.
Kaфе-книжарницата ,,Илика” се наоѓа во централното градско подрачје скриена во сенката на Градски ѕид. Таму ќе ве пречека внимателно одбрани книги, заедно со пријатната атмосфера и многу љубезниот персонал кој покрај убавото кафе, ќе се потруди да ви понуди и добар избор на книги. ,,Илика” е освежување во понудата на Скопје и веќе си стекнува редовни посетители кои уживаат да ја посетуваат, особено во топлите денови кога станува прекрасен простор исполнет со активности од различен вид. Кафе-книжарницата таму често организираа промоции, разговори со автори, работилници за деца и други активности кои секако се освежување за посетителите. Во зима е топло катче за читање со пијалак и засолнување од студот, а на пролет го раздвижува овој дел на градот. Дел од активностите кои ги организира нејзиниот тим е и книжевниот читачки клуб, кој се најавува на нивните социјални мрежи и е отворен за сите љубопитни читатели и посетители.
,,Буква” се наметна како една од новите култни скопски локации, кои освен со понудата на пијалоци и добра селекција на квалитетни изданија, придонесува и за ноќниот живот во градот. Како едно од омилените места на новите генерации во Скопје кое е важно за независната културна сцена, оваа кафе-книжарница дава простор на локалните уметници и поддржувачи, со што активно учествува и во градењето на новиот бран младинска култура во земјава. На нивните профили на социјалните мрежи може да ја ѕирнете неделната програма, книгите на неделата кои ги препорачуваат, но и секојдневни моменти кои прават редовните посетители да се чувствуваат како дома. Ако сакате добра музика, изложба или чувство дека во Скопје сепак се случува култура, ова е едно од местата кои ќе ви ја вратат надежта за тоа, додека околу вас гледате многу познати и непознати луѓе кои дошле да уживаат во скопска пролетна квечерина.
,,Бејкер Стрит” е книжарница која се наоѓа на плоштадот на Млечен во Капиштец посветена на селекција на криминалистички романи. Сепак, покрај овој фокус, може да се пронајдат различен тип на книги од повеќе издавачи во земјава, за задоволување на сечиј вкус. Тие организираат и други типови настани како промоции и поетски читања. Локацијата на ,,Бејкер Стрит” е повеќе од одлична и придонесува во разноликоста и динамиката која постои во овој дел од градот, a секако ги радува обожавателите на овој тип на места како уште еден простор за уживање и читање истовремено. И оваа кафе-книжарница во суштина покажува дека на читателите им се потребни различни простори каде ќе можат да го истражуваат и да си го градат книжевниот вкус во неформална атмосфера.
,,Метаноја” e уште една кафе-книжарница која е добро позната, а се наоѓа на една од најубавите улици во Скопје, на ,,Максим Горки”, каде во нејзиниот смирен амбиент, гостинот наоѓа простор за себе и за своите активности. Целата атмосфера на расцветаната улица нуди пријатен поглед, дополнет со галерија во која често се организираат и изложби, па така, нуди специфично искуство за љубителите на различни уметности. Таа е вистинското место за посета кога ви треба мир за работа и слушање на сопствените мисли, за работење заедно со колега или пак едноставно за одмор од секојдневието, но и за подновувањето на вашата бибилиотека.
Освен овие кафе-книжарници во центарот, се зголемува бројот и на вакви убави катчиња кои излегуваат од централното градско подрачје и им нудат на жителите на другите населби едно ново и поубаво искуство. Кафе-книжарниците се дел и од трговските центри како на пример оние на ,,Литература.мк”, па навистина може да заклучиме дека стануваат тренд во Скопје кој го носи читателското искуство на едно ново ниво.