Редовното консумирање кафе и чај може да биде поврзано со подобро здравје на мозокот и помал ризик од деменција, покажуваат резултатите од големи научни истражувања. Според експертите, луѓето кои пијат неколку шолји кафе или чај дневно имаат нешто подобри когнитивни способности во споредба со оние кои ги избегнуваат овие пијалаци.
Анализата на здравствени податоци од повеќе од 130.000 испитаници во период од неколку децении покажала дека лицата кои редовно пиеле две до три шолји кафе со кофеин или една до две шолји чај дневно имале околу 15 до 20 проценти помал ризик од деменција. Истовремено, кај нив бил забележан и помал когнитивен пад, како и подобри резултати на тестови за мозочни функции, за разлика од оние кои пиеле кафе без кофеин.
Истражувачите нагласуваат дека овие резултати не докажуваат директна причинско-последична врска, бидејќи на ризикот од деменција влијаат и други фактори, како начинот на живот, спиењето и целокупното здравје. Сепак, научниците сметаат дека кофеинoт и полифенолите во кафето и чајот можат да придонесат за заштита на мозокот преку подобрување на здравјето на крвните садови и намалување на воспалителните процеси и оксидативниот стрес.
Експертите предупредуваат дека кафето и чајот не треба да се сметаат за „магично решение“ против деменцијата. Најважни остануваат здравиот начин на живот, редовната физичка активност, избалансираната исхрана и квалитетниот сон. Дополнителни истражувања се потребни за целосно разбирање на влијанието на овие пијалаци врз когнитивното здравје.