Кафето што го пијат милиони луѓе може тивко да го покачи холестеролот

Начинот на подготовка на кафето може значително да влијае врз холестеролот и здравјето на срцето, покажуваат нови научни истражувања.

Кафето за многумина е повеќе од утрински ритуал – тоа е навика без која денот не може да започне. Но научниците предупредуваат дека начинот на кој се подготвува кафето може да има поголемо влијание врз здравјето отколку што повеќето луѓе мислат.

Истражувањата покажуваат дека разликата помеѓу филтер кафе, еспресо, инстант кафе и традиционалното турско кафе не е само во вкусот. Начинот на подготовка може да влијае и врз нивото на холестерол и здравјето на срцето.

Тајната е во талогот и маслата

Кафето природно содржи масла наречени дитерпени, кои можат да го зголемат нивото на холестерол во крвта. Колку од тие супстанци ќе завршат во шолјата зависи токму од начинот на подготовка.

Најдобар избор за срцето – филтер кафе

Филтер кафето се смета за најбезбедна опција кога станува збор за холестеролот. Причината е хартиениот филтер, кој задржува голем дел од маслата што можат да го зголемат холестеролот.

Во шолјата остануваат кофеинот, аромата и антиоксидансите, но без поголемиот дел од потенцијално штетните материи. Некои истражувања покажуваат дека луѓето кои редовно пијат филтер кафе може да имаат помал ризик од срцеви заболувања.

Инстант кафето е изненадувачки безбедно

Иако многумина го сметаат за помалку квалитетно, инстант кафето е релативно безопасно кога станува збор за холестеролот.

Во текот на индустриската обработка се отстранува голем дел од маслата што можат да влијаат врз крвните садови.

Еспресото е некаде на средина

Еспресото се подготвува без хартиен филтер, па дел од маслата сепак остануваат во пијалакот. Тоа се забележува и по густата крема на врвот на кафето.

Сепак, бидејќи количината на еспресо е мала, обично 30 до 40 милилитри, внесот на овие супстанци останува релативно низок. За повеќето здрави луѓе две до три шолји еспресо дневно не претставуваат проблем.

Турското кафе може најмногу да го зголеми холестеролот

Најголемо внимание треба да се обрне на турското или домашното кафе, кое се вари во вода и се служи со талог.

Бидејќи нема филтрирање, а кафето долго време е во контакт со врела вода, во пијалакот може да заврши и до 30 пати повеќе од супстанците што го зголемуваат холестеролот во споредба со филтер кафето.

Затоа луѓето со покачен холестерол или срцеви проблеми треба да го ограничат внесот на турско кафе или да изберат друга подготовка.

Колку кафе е безбедно да се пие

Според Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), здравите возрасни лица можат безбедно да внесуваат до 400 милиграми кофеин дневно.

Тоа е приближно до пет шолји еспресо или филтер кафе и до три шолји силно турско кафе.

За бремени жени, лица со висок крвен притисок или проблеми со спиењето, препорачаната граница е околу 200 милиграми кофеин дневно.

Добрата вест е дека не мора да се откажете од кафето. Но ако се грижите за холестеролот, можеби е паметно повремено да ја замените турската кафа со филтер кафе – вашето срце може да ви биде благодарно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни