Овие награди, кои важат за своевидни „Оскари“ во електронската музика, препознаваат и слават иновативност, оригиналност и влијание на глобално ниво, а номинацијата е огромен исчекор за македонската електронска сцена.
Овој историски момент претставува првпат македонски музички бренд да биде препознаен на вакво реномирано ниво, што ја потврдува меѓународната релевантност на „Кафе де Анатолија“. Брендот, кој е основан од Моника Илиева, Никола Илиев (Nickarth/Rialians On Earth) и Зоран Илиев (Billy Esteban), успеа да изгради уникатен музички правец познат како Organic House, поставувајќи нови стандарди во продукцијата и промоцијата на електронската музика.
Со импресивна дигитална присутност — над 100 канали, 30 милиони претплатници и повеќе од милијарда прегледи на „Јутјуб“ — „Кафе де Анатолија“ продолжува да ги поместува границите на она што може да постигне еден бренд од Македонија. Нивната појава на билборд на Тајм сквер во Њујорк беше силна порака дека македонските уметници се подготвени за глобалната сцена.
Дополнително, брендот е најнаградуваната издавачка куќа во историјата на „Јутјуб“, со освоени вкупно 31 плакета — три златни за над еден милион претплатници и 28 сребрени за над 100.000 претплатници. Ова е резултат кој досега не го постигнала ниту една друга музичка етикета, а наградата од „Битпорт“ би била уште едно крунисување на нивната мисија да ја постават Македонија на мапата на светската електронска музика.