Пиењето кафе или чај секој ден може да биде поврзано со помал ризик од деменција и побавно когнитивно опаѓање, покажува ново истражување објавено во научното списание JAMA.
Според резултатите од студијата, умерената консумација на кофеин (од две до три шолји кафе или една до две шолји чај дневно) е поврзана со понизок ризик од развој на деменција и зачувување на когнитивните функции.
Истражувањето утврдило дека лицата со највисок внес на кофеин имале до 18% понизок ризик од деменција во споредба со оние кои пиеле малку или воопшто не консумирале кофеин. За време на периодот на следење, кој траел до 43 години, кај 11.033 од повеќе од 130.000 испитаници била дијагностицирана деменција.
Студијата ги анализирала навиките во исхраната, когнитивното здравје и појавата на деменција, вклучувајќи ги ефектите од кафе со кофеин, чај и кафе без кофеин. Истражувачите утврдиле дека најизразени придобивки имале лицата кои консумирале кофеин во умерени количини. Повисокиот внес не бил поврзан со негативни ефекти и покажал слични потенцијални невропротективни придобивки.
Покрај тоа, испитаниците кои пиеле кафе почесто пријавувале пониски симптоми на субјективно когнитивно опаѓање – 7,8% наспроти 9,5% кај оние што не консумирале.
Кафето и чајот содржат биоактивни состојки, како полифеноли и кофеин, за кои се смета дека можат да имаат невропротективна улога преку намалување на воспалението и клеточните оштетувања, како и поддршка на когнитивното здравје. Претходни истражувања го поврзувале кофеинот со подобрена чувствителност на инсулин и васкуларна функција.
Авторите на студијата нагласуваат дека станува збор за опсервациско истражување, што значи дека не може да се утврди директна причинско-последична врска. Исто така, не биле анализирани разликите во видот на кафе или чај, начинот на подготовка или потеклото на производите.
Истражувачите посочуваат дека превенцијата е клучна во справувањето со деменцијата, бидејќи актуелните третмани имаат ограничен ефект кога симптомите веќе се појавени. Според нив, консумирањето кафе или чај може да биде еден од повеќето фактори што придонесуваат за зачувување на когнитивната функција со стареењето.
Научниците повикуваат на дополнителни истражувања за подобро разбирање на врската меѓу кофеинoт и когнитивното здравје, како и за утврдување на потенцијалните механизми зад овие наоди.
