На 20 декември 2025 година, со почеток од 19:30 часот, Македонската филхармонија ќе биде домаќин на премиерната изведба на музичкиот проект „Кадифено“ – уникатно концертно доживување на македонската вокалистка Зарина Првасевда, кое ги спојува длабоките традиционални корени со современиот светски звук и импровизацијата.
Концертот „Кадифено“ најавува ориентално-фолклорно и емотивно музичко патување, обликувано низ моќниот и препознатлив вокал на Зарина Првасевда, чија уметничка експресија одамна ја надминува локалната сцена и се движи во интернационални рамки. Публиката ќе има можност да биде дел од интимна, но силна атмосфера, исполнета со мелодиска длабочина, суптилна магија и вокални нијанси што ретко се среќаваат на современата музичка сцена.
Во време на доминација на комерцијалната и еднолична музика, Зарина Првасевда се издвојува како автентичен уметник со јасен идентитет, широк вокален спектар и исклучителна сензитивност кон звукот. Нејзините инспирации произлегуваат од музичкото наследство на просторот, од природата и од човечките емоции, кои таа ги преточува во искрени и длабоко доживеани музички изрази.
Проектот „Кадифено“ претставува спој на традиционални песни од Македонија, Турција и поширокиот свет, усни приказни и наследени ритми, создавајќи концертна целина со силна емотивна и културна симболика. Како што најавува самата Првасевда, концертот е замислен како простор за заедничко слушање, чувствување и споделување.
„За време на концертот, заедно со публиката ќе ги истражуваме значењата и пораките на текстовите, културниот симболизам вграден во народните традиции и заедничкиот дух преточен во музиката. Луѓето ми се најголема инспирација – љубовта што си ја разменуваме и искуствата што ги споделуваат со мене се бесценети. Верувам дека највозвишена форма на аплауз за секој уметник е искрената реакција на публиката“, споделува Зарина Првасевда.
Особена тежина на концертот му дава и учеството на двајца врвни турски музичари и светски виртуози, кои за првпат ќе настапат на сцена во Скопје. Станува збор за Џенк Ердоган, еден од најзначајните мајстори на фретлес гитарата со богата меѓународна кариера, и харизматичниот мултиинструменталист и перкусионист Ахмет Алан.
На сцената ќе им се придружат и истакнати македонски музичари: Андреа Мирчевска, врвен басист и добитничка на наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар, како и Тони Арслан, професор, извонреден виолинист и солист во бројни меѓународни оркестри. И двајцата се активни членови на бендот на Зарина Првасевда и препознатливи по својата музичка маестралност.
Предновогодишниот концерт на 20 декември во Македонската филхармонија ќе биде ретка можност за публиката да доживее премиерна изведба на музичкиот опус „Кадифено“ и да го сподели ова поинакво, интимно и силно музичко искуство со најблиските.