Во време кога индивидуализмот, работа од дома и дигиталната комуникација сè повеќе ја заменуваат живата интеракција, потребата од градење социјален капитал во заедницата станува поважна од кога било. Социјалниот капитал дефиниран како довербата, врските и чувството на припадност меѓу луѓето, не се создава спонтано, туку преку простори што овозможуваат средби, разговори и заеднички искуства. Токму затоа, културните и друштвени хабови во Скопје се еден од ретките примери како градот сè уште успева да ја одржи таа жива, човечка димензија.
Од заеднички простор за работа и социјализација, до игранки и музички настани, па сè до промоции, изложби и базари, Скопје сè уште дише преку местата што ја будат креативноста и чувството на заедништво. Овие простори, често нарекувани и „трети места“, постојат меѓу домот и работното место. Тие не се ниту приватни, ниту строго професионални, но се суштински за секојдневниот живот на градот. Тука културата не се доживува како повремен настан, туку како континуирана пракса.

Современите трети места сè почесто функционираат како хибриди: јавна соба, културен центар, лабораторија за идеи и неформален простор за дружење. Токму таа повеќеслојност им овозможува на младите, но и на сите други генерации, да создаваат навики на заедничко учење, работа и културно учество. Во Скопје ваквите места се малку, но нивното значење е далеку поголемо од нивниот број.
Laboratorium
Еден од просторите што најјасно ја носат улогата на современо „трето место“ во Скопје е Laboratorium. Од самиот почеток, овој простор се профилира како место за експериментирање, учење и заедница, каде културата не се третира како завршен производ, туку како жив процес. Преку работилници, изложби, концерти, дискусии и различни едукативни формати, Laboratorium создава услови во кои луѓето не се само публика, туку активни учесници.
Како што истакнува Тимот на Лабараториум, „хибридните простори не се иднината на младите – тие се веќе реална потреба и одговор на начинот на кој новите генерации живеат, учат и се социјализираат“. Денешната културна сцена, велат тие, е покритички настроена од кога било: младите имаат појасно дефиниран вкус, повисоки очекувања и силна потреба за смислено заедништво. Во таа динамика, Laboratorium не создава затворени кругови, туку простор што функционира како точка на пресек – место каде различни заедници природно се спојуваат.
Како што истакнува Тимот на Лабараториум, „хибридните простори не се иднината на младите – тие се веќе реална потреба и одговор на начинот на кој новите генерации живеат, учат и се социјализираат“. Денешната културна сцена, велат тие, е покритички настроена од кога било: младите имаат појасно дефиниран вкус, повисоки очекувања и силна потреба за смислено заедништво. Во таа динамика, Laboratorium не создава затворени кругови, туку простор што функционира како точка на пресек – место каде различни заедници природно се спојуваат.
Во секојдневието на просторот, кафе-муабетот често се заменува со импровизирани концерти, дискусии или креативни судири. Луѓето учат, создаваат, играат шах, дебатираат за филмови или разменуваат музички искуства, а во основата на сите тие активности стои сплотеноста. Токму таа спонтаност е една од клучните вредности на Laboratorium.
Просторот функционира и како платформа за поддршка на млади и независни креативци. Преку базари, уметнички саеми и настани за мали креативни бизниси, Laboratorium им овозможува на автори и уметници што допрва се пробиваат да станат видливи и директно поврзани со публиката. Овие формати не се само продажни, туку и едукативни – начин за тестирање идеи, градење самодоверба и создавање сопствена публика.

Карактеристично за Laboratorium е и интердисциплинарниот концепт што се среќава со интергенерациска публика. На редовниот настан „Игранка“ се среќаваат луѓе од 18 до 80 години, сите со иста потреба – да танцуваат. „На Скопје му фали шизење и џускање“, велат од тимот, нагласувајќи дека додека на постарите генерации им значи самиот културен настан, на младите им е подеднакво важно да разменат музички желби и искуства со оние што го познаваат градот од поинаков агол.
Прашањето како просторот функционира истовремено како работно место, место за дружење и простор за забава, се решава органски. „Убавината на мултифункционалниот простор е што гостите самите си ја ‘наоѓаат функцијата’ во концептот“, објаснува Тимот на Лабараториум. Во новиот простор, сместен во зградата на Сојузот на синдикатите, coworking зоната, велосипедската работилница и малата сцена со open deck коегзистираат без строги поделби, создавајќи необична, но функционална кохезија.
Преминот од дневна во вечерна програма е заеднички процес. Редовните гости често се вклучени во подготовките, предлагаат идеи и го обликуваат просторот. Некој ќе дојде само на кафе, ќе запознае неочекуван соработник и ќе остане на настан што не планирал – токму во тие непланирани моменти, според тимот, се случува суштината на заедницата.
Посебно место имаат и Lab Living Room настаните, кои го претвораат просторот во симболична „дневна соба“: со друштвени игри, уметнички интервенции и мешање на различни друштва што го прават Laboratorium свој. Програмата е комбинација од настани на соработници, сопствена културна програма и – најважно – младите гости. „Тие се нашите омилени соработници“, велат од тимот, затоа што токму преку нив просторот навистина живее.
Public Room
Public Room веќе речиси една деценија претставува еден од најзначајните примери за ваков хибриден модел. Бесплатниот coworking простор започнал со работа на 28 октомври 2015 година. Во првите еден до два месеци го користеле само неколкумина, но од 2016 година па сè до денес просторот е постојано исполнет со млади луѓе, и со повозрасни корисници кои сакаат да ги завршат своите дневни работни задачи надвор од домот.
Како што објаснува Тамара Георгиевска од тимот на Public Room, просторот е наменет како за луѓе без сопствена канцеларија, така и за оние што повремено имаат потреба од промена и излез од класичниот канцелариски амбиент. Иако располагаат со околу 1.500 квадратни метри, често се случува да нема слободна маса – што најдобро зборува за реалната потреба од ваков тип на простор.
Според тимот, со оглед на тоа што сè повеќе луѓе работното време го поминуваат зад лаптоп, јасно е дека ваквите хибридни простори се иднината. Но, за да не останат изолирани „острови“, тие мора да понудат повеќе од работна површина: топлина, пријатност и опуштена атмосфера, заедно со стабилен интернет и функционални услови, со цел луѓето да се чувствуваат убаво и да сакаат повторно да се враќаат.
Netaville
Netaville го развива моделот на хаб како современа социјална инфраструктура, особено насочена кон ИТ-заедницата и младите професионалци. Покрај просторот за настани и кафетеријата, хабот нуди и гејминг зона – место за рекреација, неформално дружење и поврзување надвор од работниот контекст. Со студентски поволности и попусти за млади, Netaville станува подостапен за оние што допрва го градат својот професионален пат, отворајќи простор каде работата, учењето и социјализацијата се одвиваат паралелно.
Како што истакнува Тимот на Netaville, ваквите простори се неопходни за здрав развој на заедницата. „Сметаме дека е неопходно вакви простори за социјален и личен развој да постојат во рамки на едно општество, особено во образовниот систем – од основните и средните училишта, па сè до универзитетите“, велат тие. Според нив, континуираниот пристап до безбедни и поддржувачки средини им овозможува на младите да ги развиваат своите социјални, креативни и граѓански вештини уште од рана возраст.
Netaville, додава тимот, не сака да биде изолиран пример, туку инспирација за други општествено одговорни компании што имаат можност да вложат во вакви простори и да вратат назад на заедницата. Значајна улога во тоа имаат и програмите, активностите и големиот број настани што редовно се организираат во хабот. Преку нив, студентите и посетителите добиваат можност за вмрежување, но и за личен бенефит во форма на нови знаења, вештини и искуства што директно придонесуваат за нивниот личен и професионален развој.
На тој начин, Netaville се позиционира не само како место за работа или настани, туку како простор каде заедницата се гради секојдневно – преку споделување, учење и создавање врски што го надминуваат класичниот работен ден.
Која е заедничката мисија на културните хабови ?
Заедничко за овие хабови е тоа што тие нудат повеќе начини на социјализација на едно место: културни и музички настани, едукативни програми, кино проекции, базари, рекреативни активности и едноставно – простор за заедничко поминување време. Тие помагаат во препознавање на млади таленти, во развивање на идеи и во оформување на професионални патишта, но истовремено остануваат отворени за сите што сакаат да бидат дел од живата градска заедница.
Градот не е само инфраструктура и згради – градот е жива заедница. А таа заедница опстојува само ако постојат места каде луѓето се среќаваат, разговараат и создаваат заедно. Затоа, Скопје – како и другите градови – има потреба од повеќе вакви простори. Не како исклучок, туку како правило. Простори каде што ќе се чувствуваме дека припаѓаме, дека не сме сами и дека културата, работата и дружењето можат да бидат дел од истото секојдневие.














