Во нова студија што опфаќа 37 европски земји, откриено е дека момчињата почесто од девојчињата пријавуваат добро ментално здравје. Приближно две од пет тинејџери во Европа се борат со менталната благосостојба, покажува најновата анализа, при што девојчињата се во полоша состојба од момчињата во секоја од вклучените земји.
Младите денес се соочуваат со бројни стресови – од социјална изолација и прекини во образованието предизвикани од пандемијата на Ковид-19, до економска нестабилност и тековни конфликти во Украина и Газа, според извештајот European School Survey Project on Alcohol and Other Drugs (ESPAD).
Оваа студија, која веќе 30 години ги следи навиките на тинејџерите во врска со алкохол, пушење и дроги, сега за првпат во 2024 година ја мери и нивната ментална благосостојба. Истражувањето опфати речиси 114.000 ученици на возраст од 15 и 16 години во 37 земји.
Како се мери менталната благосостојба?
Учениците биле прашани како се чувствуваат во последно време – колку често се весели, дали се будат освежени, дали покажуваат интерес за секојдневните активности. Одговорите биле претворени во индекс од 0 до 100. Секој што постигнал над 50 бил сметан за лице со „добра ментална благосостојба“.
Вкупно, 59% од тинејџерите ја надминале оваа граница. Но, постојат значителни регионални разлики – тинејџерите во нордиските земји стојат доста добро, додека во Централна и Источна Европа состојбата е значително полоша.
„Менталното здравје е длабоко поврзано со општествената средина во која растат младите,“ – вели Кадри Сува од Mental Health Europe.
Најдобро ментално здравје имаат младите во Фарски Острови (Данска) – 77%, Исланд – 75% и Данска – 72%.
Најлошо ментално здравје на младите е во Украина – само 43% каде истражувањето укажува на недостапност на ментално здравствена грижа и трауми предизвикани од војната, потоа Чешка – 46%, Унгарија – 47% и Кипар и Полска – 49%.
Родови разлики
Девојчињата имаат полошо ментално здравје од момчињата во сите 37 земји. Во просек: 49% од девојчињата и 69% од момчињата имаат добра ментална благосостојба.
Особено загрижувачки се разликите во некои земји. Во Италија и Полска, околу две третини од момчињата пријавуваат добро ментално здравје, наспроти само една третина од девојчињата.
Во Шведска, каде вкупно 62% од тинејџерите стојат добро, разликата е драстична – 80% од момчињата наспроти помалку од половина од девојчињата.
„Ова бара итни и контекстуално чувствителни интервенции,“ вели Сува.
Сува ги повикува креаторите на политики да вложат во образованието за ментално здравје и достапна поддршка за младите.
„Со справување со традиционални и нови предизвици – од зависности до ризици на интернет – можеме да создадеме средина во која сите адолесценти ќе имаат можност да просперираат,“ – заклучува таа.