Каде во Европа сè уште може да се добие „златна виза“ ?

„Златни визи“ кои овозможуваат престој преку инвестиции и понатаму остануваат атрактивна опција, особено за побогатите. Иако некои земји, како Шпанија, ги укинаа овие програми, други сè уште нудат релативно достапни опции

Во услови на глобална неизвесност, растечки цени на недвижности и построги имиграциски правила, сè повеќе луѓе размислуваат за преселба во Европа. Но, добивањето долгорочен престој во ЕУ често е скапо и сложено.

Затоа, т.н. „златни визи“, програми кои овозможуваат престој преку инвестиции и понатаму остануваат атрактивна опција, особено за побогатите. Иако некои земји, како Шпанија, ги укинаа овие програми, други сè уште нудат релативно достапни опции.

Во продолжение се земјите каде сè уште може да се добие „златна виза“ за суми пониски од просечната цена на куќа во Велика Британија.

Унгарија
Унгарија бележи раст на интересот за својата програма. Минималната инвестиција изнесува 250.000 евра, што обезбедува престој од 10 години, со можност за продолжување. Нема минимален услов за престој, што ја прави флексибилна опција. По три години може да се аплицира за постојан престој, а по осум – за државјанство.

Грција
Грција нуди неколку опции, од кои некои почнуваат од 250.000 евра, особено за обнова на стари објекти или пренамена на деловни во станбени простори. Визата важи пет години и нема обврска за минимален престој. За државјанство може да се аплицира по седум години.

Кипар
Кипарската програма овозможува постојан престој со инвестиција од најмалку 300.000 евра во недвижности, фондови или компании. Апликантите мора да посетат Кипар барем еднаш на две години, а за државјанство може да аплицираат по седум години. Потребен е и минимален годишен приход од 50.000 евра.

Италија
Италија нуди повеќе инвестициски опции, од кои најниската е 250.000 евра во стартап. Престојот прво се одобрува на две години, со можност за продолжување. Постојан престој се добива по пет години, а државјанство по десет.

Португалија
Иако ја укина програмата за недвижности, Португалија нуди други опции – најниската е донација од 250.000 евра за културни проекти (или 200.000 евра во помалку населени области). Визата важи пет години и бара престој од само една недела годишно. По пет години може да се аплицира за државјанство.

Што треба да се има предвид?
Иако „златните визи“ звучат привлечно, важно е да се знае дека реалните трошоци се повисоки од минималната инвестиција – тука спаѓаат даноци, правни услуги и осигурување.

Исто така, треба да се направи разлика меѓу престој и даночен резидентен статус, бидејќи подолг престој може да донесе и даночни обврски. Дополнително, поради честите промени во законите, клучно е инвестицијата да биде правно заштитена и да не се изгубат стекнатите права во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни