Реалните приходи на домаќинствата по жител во Европската унија пораснале за околу 7% во периодот од 2019 до 2024 година, но разликите меѓу земјите се значајни, покажува анализа на Euronews Business, базирана на податоци од Евростат.
Додека нордиските земји бележат минимален раст, повеќето држави од Источна и Централна Европа оствариле далеку посилно зголемување на приходите по пандемијата на КОВИД-19.
Што претставува „реален приход на домаќинство“?
Приходот на домаќинство по лице се пресметува како прилагоден бруто расположлив приход, поделен со вкупното население. Тој го прикажува износот што домаќинствата го имаат на располагање за трошење или штедење, по одбивање на даноци и пензиски придонеси.
Во оваа пресметка е вклучена и вредноста на јавните услуги како здравство и образование, кои граѓаните ги добиваат бесплатно. Терминот „реален“ значи дека износите се прилагодени за инфлација.
Најмал раст по пандемијата: Нордиските земји
Во периодот 2019–2024 година, Хрватска забележала најсилен раст од 26%, по што следуваат Малта – 24%, Унгарија – 20%, Романија – 19% и Полска – 16%
Освен Малта, сите овие земји се надвор од еврозоната, што значи дека растот делумно се должи и на движењата на националните валути.
На дното на листата се нордиските земји: Шведска – 1%, Финска – 2%, Данска – 3%
Според ОЕЦД, за време на пандемијата, стапките на невработеност во овие земји пораснале повеќе отколку во поголем дел од Европа.
Големите економии под европскиот просек
Најголемите економии во ЕУ остануваат под просекот: Франција и Шпанија – по 6% и Германија и Италија – по 4%
Сите се под или блиску до резултатите на нордиските држави.
Десетгодишен тренд: Источна Европа води
Во периодот 2014–2024, реалните приходи по лице во ЕУ пораснале за 17%. Но, повторно, растот е нерамномерен:
- Романија – 76%
- Турција – 68%
- Унгарија – 55%
- Малта – 55% (единствена од еврозоната меѓу водечките)
- Хрватска – 51%
- Бугарија – 45%
- Полска – 42%
Евростат посочува дека економскиот раст во еврозоната е послаб во однос на пошироката ЕУ во последните две децении.
Каде приходите се највисоки во реална куповна моќ?
Кога се гледа апсолутното ниво на приходи, мерено во стандарди на куповна моќ (PPS), ситуацијата е поинаква.
Во 2024 година, Луксембург е на врвот со 41.552 PPS по лице, следуваат:
- Германија – 37.098
- Австрија – 34.443
- Холандија – 34.406
- Швајцарија – 33.971
Над 30.000 PPS имаат и Белгија, Франција, Исланд и Норвешка.
Најниско е Бугарија со 7.802 PPS (податоци за 2022), додека Србија – 13.311 PPS, Грција, Турција, Словачка, Романија и Унгарија – меѓу 20.000 и 25.000 PPS
