Каде во ЕУ најмногу се сакаат кучињата? Европа има над 90 милиони миленици

Со над 90 милиони кучиња, Европа бележи постојан раст на сопственици на миленици. Откријте кои земји во ЕУ имаат најмногу кучиња и зошто се толку популарни.

Во светот живеат околу 500 милиони кучиња, од кои 90 милиони се наоѓаат во Европа. Овој број континуирано расте од 2000-тите години наваму. САД (90 милиони), Бразил (55 милиони) и Кина (54 милиони) се трите водечки држави според број на домашни кучиња, покажуваат најновите податоци од Worldostats.

Во Европа, според истите податоци, има околу 90 милиони домашни кучиња. Сепак, Европејците повеќе држат мачки – нивниот број достигнува околу 108 милиони. По бројност, зад кучињата следат украсни птици (48 милиони), мали цицачи (25 милиони), риби (18 милиони) и влекачи (11 милиони). Се проценува дека околу 139 милиони европски домаќинства имаат барем еден миленик.

Најмногу домашни кучиња во Европската Унија има Германија – 10.6 милиони. Потоа следат Шпанија (9.3 милиони), Италија (8.8 милиони), Полска (8.1 милиони), Франција (7.6 милиони) и Романија (4.2 милиони). Но, ако се гледа бројот на кучиња по глава на жител, води Унгарија со 29 кучиња на секои 100 луѓе, потоа Португалија со 27 и Полска со 21.

Зголемувањето на бројот на миленици се должи на неколку трендови. Младите семејства, особено миленијалците, сѐ почесто имаат помалку деца, чекаат подоцна да станат родители, имаат поголем приход и често работат од дома. Постарите генерации, пак, често одбираат миленици, особено кучиња, заради друштво и подобрување на менталното и физичкото здравје.

Индустријата за миленици е важен економски сектор во Европа. Пазарот на храна, опрема и услуги за миленици вредеше околу 30 милијарди евра во 2023 година. Само трошоците за храна за миленици растат со просечна стапка од 3% годишно. Во Европа има повеќе од 400 компании за храна за миленици. Околу 190.000 ветеринари работат во ЕУ, што е повеќе од бројот во САД, каде има околу 120.000 ветеринари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни