Каде се учи корупцијата?

Секој атом кој што се наоѓа во границите на оваа држава е дел од системот! Но, пред да стигнеме до атомите да се разбереме на ниво, јас и ти, тој и таа, ние, вие и тие… односно секој од нас кој одлучил да делува или не, секој кој одлучил да направи нешто или да се прави на удрен. Со секоја постапка секој од нас комуницира, остава трага, менува или стои во место како дрво.

Поминавме многу часови во размена на информации, точни или неточни. Секој го зеде својот дел, да учествува онака како што знаеше, објективно и субјективно. Водени од тага и болка, додека некој водени од сопствени идеали и целни агенди. Мас медиумите беа најчесто преплавени со информации за тоа што прават и што кажале лицата на раководни позиции во институција или не, организирани прес-конференции и предвреме осмислени говори , што до некаде така и треба да биде. За да видиме што можат да кажат лицата кои го пишуваат законот, го носат и го спроведуваат. Тие лица кои ги гледаме секој ден, кои треба да се оние на кои им веруваме.


Се сеќавам на мое присуство на една дебата пред 2 години, актуелна тема тогаш беше судството, поставив прашање до главната гостинка – ,Дали има посебен начин на кој ги учите на корупција  младите и новите кои доаѓаат? Вие им кажувате како? Добив завиткан одговор од добро формулирани флоскули за одговорност, себство при одлуките и секој на своја совест. Затоа што ништо не сфатив од нејзиниот одговор, јас си го сфатив вака: Коруптивните процеси и корумпираните лица се менуваат и ниту едно човечко суштество не може да ги избегне, но затоа може да донесе свесна одлука дека ќе остане рамнодушен кон нив и дека нема да им робува. И на крај одлучив дека за мене ова е основната идеја на промената!

Луѓето ќе прават што сакаат колку и да се нервираш, меѓутоа можам да одлучам што ќе направам јас. Да ги одбегнам оние кои сакаат да бидат добри утре, отколку да сакаат да се добри уште денес.

Од пред две години се враќам во мислите на денес и се прашувам од што се состои системот? Од лица кои одат горе па долу, кои решаваат да заобиколуваат таму каде што треба да се оди право.

Какви се луѓето кога се надредени некому, кога се лутат и се гневни и од висина го гледаат оној кому му се обраќаат? А пред извесно време и самите „робувале“, и тоа по каква цена? Само уште малку, тие повторно ќе се најдат помеѓу послушниците…

Без разлика на тоа кој е на пиедесталот, обичниот народ го вбројувам во разумни луѓе. Злото и доброто за разумните поединци и оние кои имаат смисла за заедницата, не е во она што го трпат, туку во она што го прават, како што и нивната доблест и нивната ништожност не е во она што го трпат, туку во она што го прават.

Нашата генерација не е во оние што трпат, туку оние што прават, вчера се изгласа недоверба од страна на дел од факултетите на УКИМ, кон делегатите на Универзитетското Студентско Собрание. Ако се прашувам јас и ако некако е возможно, би сакала да изгласаме недоверба на генерацијата која требаше да делува без страв, да прави силни одлуки и да знае кога на каже не, не може и доста е.

Затоа што ја дочекав трагедијата во Кочани, затоа што не ја преспав ноќта по несреќата, затоа вчера се сретнавме на плоштадот „Македонија“ и со  молк испративме цела генерација… не ми се поместува од местото, ќе чекам и тврдоглаво ќе стојам!

Често размислувам да заминам, ама овој пат се убедив да останам, ќе делувам, ќе чекам и ќе целам кон промената. Затоа што секој од нас е системот!

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни