Скопје некогаш имаше јасна мапа на културни простори за млади. Не затоа што тие беа совршени, туку затоа што постоеја: како сцени, како собирни точки, како места каде што се учеше преку гледање, слушање и учество. Денес, на прагот на 2026 година, таа мапа е сè поретка, со повеќе празнини отколку точки.
Централното место на таа мапа со децении беше Младински културен центар. МКЦ не беше само зграда со сали, туку екосистем: концерти, театар, филм, фестивали, изложби, младински програми. За жал она кое што го заклучи Редакцијата на ТРН во една од минатите објави е дека во периодот од 2019 до 2025 година таа улога на МКЦ полека се разградуваше. Бројот на настани се намалуваше, континуитетот се губеше, а јасната програмска визија беше заменета со фрагментарни активности. МКЦ сè помалку функционираше како активен културен актер, а сè повеќе како простор што се „користи“ кога некој друг ќе донесе содржина.
„Во моментов, младинската уметност и култура и просторите каде што тие можат да се развиваат се во блага дискрепанца. Има толку многу млади уметници што творат, а толку малку места каде што тие млади можат да настапат. Во периодов во Скопје се затворија неколку клучни места за независната култура, неколку иницијативи, настани и фестивали се одјавија, а МКЦ е во постојано лимбо“, вели Андреј Медиќ Лазаревски од „Култура Бета“.
Паралелно со институционалниот застој, алтернативната сцена – таа што традиционално ја пополнуваше празнината меѓу институциите и младинските потреби – почна да исчезнува. Симболичен и болен пример за тоа е затворањето на кафе-книжарата Буква. „Буква“ не беше само место за кафе и книги, туку мал, но жив културен јазол: читања, разговори, мали концерти, независни настани, простор каде младите автори и публика се среќаваа без бариери. Нејзиното затворање не значеше само уште еден локал помалку, туку уште еден простор за културен ризик и интимност што исчезна од градот.
Истовремено, бројот на настани и фестивали што навистина се насочени кон младата публика се намалува, или барем го губи својот карактер. Дел од фестивалите што опстанаа, со текот на годините станаа силно комерцијализирани – со високи цени на карти, спонзорски диктирани програми и публика што повеќе е потрошувач отколку учесник. Културата во тие случаи сè почесто се сведува на „искуство“ за консумација, а сè помалку на простор за изразување, експеримент и дијалог.
„Пазарната логика и комерцијалните интереси постојано се обидуваат да навлезат во секој аспект од општеството. Културата што се продава на пазарот се адаптира на тие услови, но алтернативната, независна и некомерцијална култура оди спротиводно на тие наметнувања. Таа намерно зазема слободна, различна и иновативна позиција“, вели Лазаревски.
Кино-сцената и театарот дополнително ја комплицираат сликата. Затворените или нефункционални кино-сали, ограничениот репертоар и високите цени на билетите прават овие уметности да станат речиси недостапни за голем дел од младите. Театарските претстави, иако уметнички релевантни, ретко се ценовно или програмски прилагодени за младинска публика, што создава уште еден слој на исклученост.
Во оваа празнина, како ретка светла точка се појавуваат простори како Public Room – хибридни хабови за работа, учење и повремени културни настани. Но и тие, колку и да се важни, не можат да ја заменат улогата на вистинските културни центри. Тие се повеќе прибежиште отколку сцена, повеќе логистика отколку културна политика.
Проблемот, затоа, не е само во тоа што се затвораат простори, туку што исчезнува цел еден систем на создавање култура за и од младите. Кога нема доволно места за пробување, грешење, учење и заедништво, младите или се повлекуваат во дигиталниот простор, или заминуваат (физички и ментално) од градот. И токму во таа празнина, помеѓу повлекувањето и заминувањето, сепак останува иницијативата за мали но успешни обиди кон самоорганизирање и отпор од самата независна сцена.
„Младите независни уметници не само што пробуваат, туку и успеваат да ги создадат просторите каде што можат да творат – места каде се чувствуваат безбедно и прифатено, каде нивната уметност може да биде видена, слушната, дискутирана и критикувана. Таа борба е постојана, но токму во тоа е убавината на независната културна сцена – креативноста поради тоа е уште поголема“, додава Лазаревски.
Дополнителен проблем што ретко се отвора, а силно ја продлабочува оваа состојба, е централизацијата на културните простори и настани. Најголемиот дел од она малку што сè уште функционира е сконцентрирано во центарот на Скопје, додека младите од другите населби, како и од помалите градови низ Македонија, остануваат речиси целосно исклучени од културниот живот.
Наместо мрежа на локални хабови и децентрализирани сцени, добиваме неколку „точки“ што го носат целиот товар на културата, што ги прави недостапни, преоптоварени и краткорочно одржливи. Така, културата станува привилегија на географијата и мобилноста, а не право, дополнително намалувајќи ја можноста младите да создаваат и учествуваат таму каде што живеат.
Во 2026 година не влегуваме само со помалку културни простори за млади, туку со опасност тие целосно да престанат да бидат дел од јавната визија за градот. Прашањето повеќе не е каде младите ќе одат, туку дали некој воопшто ги прашува каде сакаат да бидат.
