Огнот не е само метафора. Огнот уништува големи зелени површини како секоја година пак. Огнот одзема безброј човечки животи во Кочани, тој е стравот од системското потфрлање, тој е депресивната епизода која доаѓа со разочарувањето. Со чувството дека овде секој ден, сè повеќе нема живот за нас, само некакво рушење. Тој е толку силен симбол за сè што ни се случува.
Насловот на овој текст е двосмислен. Минатата недела се гушевме во чад, Скопје изгледаше апокалиптично и додека човек се движи накај дома, не може да не помисли дека посакува да избега од оваа дистопија. Секогаш ме интересирал тој однос на утопиите и дистопиите, а како одминува времето сè повеќе сфаќам дека се руши границата меѓу фикцијата и стварноста. Па, не знам што живееме ако не една автентична дистопија сега. Книжевноста би се согласила со ова.
Секој ден има некоја нова вест која мислиш дека не може да ја надмине претходната и прави едно чувство на гушење, една фрустрација што не се лечи, туку се зголемува со текот на годините. Ние живееме една колективна неартикулирана болка која во одредени точки кулминира, се мобилизира. Потоа, ја снемува и се раѓа пак. И така, продолжуваме во вртлогот на нацијата која се обидува да се лечи, додека се распаѓа тоа што го има.

Додека колективно главиме на болките од минатото, ни го снемува тоа што е сегашноста. Многу боли што тоа се луѓе, тоа е средината во која треба да живееме, тоа е воздухот, тоа е шансата да имаме подобар живот. Горат силно сите наши надежи и можности еден ден да кажеме дека тука ќе живееме подобро. И тоа толку длабоко растажува и разбеснува.
Огнот не е метафора. Огнот е нашата тага и болка, непростувањето на сè што во овие триесетина години не се направило, поради што заглавивме. Колку што се шират неговите пламени јазици, толку се зголемува и стравот дека можеби не останува ништо подобро овде. Се бориме против пламенот, но не и против она што системски го предизвикува за да не се појави пак, за да не предизвика болка, толку голема што може да уништи сè. Се бориме против сами себе, ама никогаш не научивме да играме за себе.
И тогаш, повторно и повторно се враќам на дилемата што го прави останувањето овде вредно? Ги имаме блиските, љубовта, животот пред нас кој треба да го украсиме, а истовремено имаме и многу, многу бес и пропаѓање. Потребна е многу голема упорност да се истрае, да се има надеж и да се верува дека сето постоење овде има смисла, пред да се одлучи нешто поинакво и некој поинаков пат.
Има голем дел од луѓето кои сè уште, и покрај таа болка на нефункционалната држава тука, се обидуваат да бидат упорни во тоа дека има зошто се тука. Цело време пишувам за пркос и надеж, затоа што без нив овде не се функционира. Но, каде да се оди кога нивните залихи се премали за да се одржат? Тоа е прашање на кое уште немам одговор, а верувам немаат ни многумина други.