Британскиот боксер во тешка категорија Ентони Џошуа помина шест рунди за да го нокаутира јутјуберот и боксерски почетник Џејк Пол во меч кој од самиот почеток беше оценет како еден од најнееднаквите во историјата на боксот. Пол го помина поголемиот дел од борбата избегнувајќи конфронтации, но на крајот подлегна на моќта на двократниот светски шампион.
„Се чувствувам добро, се забавував одлично. Го сакам овој спорт, дадов сè од себе. Ентони Џошуа е одличен борец. Ме победи, но тоа е спорт. Ќе се вратам и ќе продолжам да победувам. Веќе победував во секој аспект од мојот живот. Имам семејство и прекрасна вереница. Вилицата ми е скршена, но тоа не е важно. Ќе се вратам и ќе ја освојам светската титула.“
„Не сум изненаден бидејќи ова траеше шест рунди. Се заморив, тешко е да се справиш со неговата маса. Да бев во подобра форма, ќе продолжев да се борам. Дадов сѐ што можев. Мојата цел е да ја освојам светската титула во крузер категорија. Но, пред тоа ќе направам мала пауза. Се форсирам многу веќе шест години“, рече Пол по мечот.
Исходот од натпреварот беше очекуван, а контроверзниот натпревар повторно ги отвори прашањата за безбедносните ризици создадени од таков јаз во искуството, големината и силата. За Џошуа, ова беше 29-та победа во 33 професионални настапи, а сега може да се сврти кон вистински предизвици – пред сè, долгонајавуваната пресметка со Тајсон Фјури.
Од друга страна, Пол не го исполни своето ветување да го изведе најголемото изненадување во историјата на спортот. Сепак, 28-годишникот успеа да зададе неколку удари, а фактот дека борбата се влечеше до шестата рунда не оди во прилог на Џошуа.