Јупитер е помал отколку што мислевме: мисијата „Џуно“ ги менува учебниците

Нови мерења од НАСА покажуваат дека најголемата планета во Сончевиот систем е помала и посилно сплескана, што носи нови сознанија за гасовитите џинови.

Најновите податоци од вселенската мисија Џуно откриваат дека Јупитер е малку помал и порамнет отколку што научниците со децении претпоставувале. Иако разликите се мерени во километри, тие имаат значајно влијание врз разбирањето на внатрешната структура на гасовитите планети.

Истражувачите користеле радио-податоци собрани од „Џуно“ за да ги прецизираат мерењата на најголемата планета во Сончевиот систем. Новите резултати покажуваат дека радиусот на Јупитер е нешто помал од досега прифатените вредности, што овозможува подобро усогласување на теоретските модели со податоците за гравитацијата и атмосферата.

Студијата е објавена во научното списание Nature Astronomy, а еден од коавторите, планетарниот научник Јохаи Каспи од Вајцмановиот институт за наука во Израел, вели дека „учебниците ќе мора да се ажурираат“.

„Големината на Јупитер не се промени, но начинот на кој ја мериме – да“, истакнува Каспи, нагласувајќи дека новите методи носат значително поголема точност.

ОД СТАРИ МИСИИ ДО НОВИ ПОДАТОЦИ

Со децении, научниците се потпираа на мерења направени од мисиите „Војаџер 1 и 2“ и „Пионер 10 и 11“, спроведени пред околу 50 години. Тие податоци беа прифатени како стандард, но беа базирани на ограничен број радио-набљудувања.

Од своето пристигнување кај Јупитер во 2016 година, „Џуно“ собира далеку поголем обем на податоци. Во последните две години, овие мерења овозможија одредување на големината на планетата со точност од околу 400 метри во секоја насока.

Новите анализи покажуваат дека поларниот радиус на Јупитер изнесува 66.842 километри – околу 12 километри помал од претходните проценки. Екваторскиот радиус, пак, изнесува 71.488 километри, што е четири километри помалку од досега прифатеното.

ЗОШТО НЕКОЛКУ КИЛОМЕТРИ СЕ ВАЖНИ

Иако разликите изгледаат минимални, тие имаат големо значење. Според коавторот на студијата, Ели Галант, дури и мало поместување на радиусот овозможува значително подобро моделирање на внатрешната структура на планетата и нејзините динамички процеси.

Методологијата се базира на следење на начинот на кој радио-сигналите од „Џуно“ се искривуваат додека минуваат низ атмосферата на Јупитер, пред целосно да исчезнат кога планетата го блокира сигналот. Овој пристап овозможува да се земат предвид и моќните јупитерови ветрови, кои влијаат врз неговиот облик.

Подобрените мерења не се важни само за Јупитер. Тие им помагаат на научниците да ги толкуваат и податоците за гасовитите џинови надвор од Сончевиот систем. Со оглед дека Јупитер веројатно бил првата планета што се формирала околу Сонцето, неговата структура нуди клучни информации за тоа како настанале планетарните системи, вклучително и нашиот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни