Во овој разговор за Трн, Кастелучи зборува за својот светоназор и уметничка практика, за идни проекти, за допирот како чин, звукот како патување и за тоа зошто верува дека токму уметноста може да биде поттик за следната еволуција на човештвото.
Во светот на Јулија, звукот не носи порака, туку постоење. Таа е „сонична скулптура“ која постојано се движи низ апстрактни емотивни пејзажи. Нејзината уметничка практика е „ситуациона“ од перформанси во месарница и пазарче до концерти за празни столчиња. Во ексклузивно интервју, разговаравме за нејзината потрага по јазик за комуникација со сведоците, за етичката позиција на уметноста и за тоа зошто верува дека е дојдено време за радикално поетична еволуција на човековата свест.


Трн: Потекнуваш од Србија, а своето музичко образование го заврши во Скопје. Како овие две средини влијаеја врз твојот уметнички развој и начинот на кој го градиш својот израз?
Јулија: Само сум родена во Србија, по игра на случајот таму го завршив основното и средното образование. Инаку духот, крвта и генезата ми се интергалактички и македонски, по аксиома. Од овие две земји дозволив да влијае само есенцијата. Од Македонија најмногу ми влијаеше звукот, полифонијата на фолклорот, сончевите зајдисонца во Трпејца, пејзажите, мирисот на ајварот на баба ми Зорка, вкусот на сутлијаш со цимет кај тетка ми Бисера, утринските прошетки низ Дебар Маало во пет сабајле, лежерните денови во Галичкиот предел, мирисот на трева на ридот кај МСУ… Толку многу искуства и чувства што не може да се набројат – тие живеат во мене и сè уште одекнуваат во просторот меѓу. Да дозволев на општествените или политичките контексти од овие земји да влијаат врз мене, веројатно немаше ни да ме има. Јас сум атмосферопата и внимателно морам да се заштитам – внимателно одлучувам што од она што ме опкружува дозволувам да ме допре или промени.
Трн: Себеси често се опишуваш како „сонична скулптура“. Како би им го објаснила тој концепт на луѓе кои првпат се среќаваат со твоето творештво?
Јулија: Понекогаш сум сонична скулптура, понекогаш структура, а некогаш фрактура. Зависи од денот – тие категории се променливи, но соноритетот е основата. Никогаш не сум сакала да се „преведувам“ себеси. Ме интересира нематеријалниот аспект на постоењето – емотивната и чулната димензија. Тоа го нарекувам апстрактни емотивни пејзажи – простори во кои можеш да дишеш, да почувствуваш. Не се обидувам ништо да објаснувам на луѓето, туку преку делото покажувам дека постои и друга димензија, онаа што не ја гледаме во секојдневниот хаос.
Трн: Во перформансот „Звучен допир“ ја истражуваш физичката и метафизичката димензија на допирот. Што дозна за човечката природа преку тоа искуство?
Јулија: Допирот не е само физичка категорија, туку и метафизичка. Можеш да допреш некого со збор, со поглед, со глас, со звук или со тишина. Тоа се различни облици на допир и за мене тие се материјал за истражување. Преку допирот можеш многу да дознаеш – за себе и за другиот.
Трн: Каква е твојата уметничка практика, со оглед на тоа што се движиш низ различни медиуми?
Јулија: Јас сум ситуациона уметница, „инцидентна“ уметница. Кога тргнувам некаде, секогаш стигнувам на место што не постои – така зборува Homo Ludens во мене, човекот што се игра. Се играм слободно, низ животот и уметноста, и тоа ме збогатува. Верувам дека кога Бог го создал човекот „по свој образ“, го повикал да го продолжи божественото дело преку создавање. Тоа е суштината на мојата практика. Сакам спонтаност и проточност, не сакам да се расфрлам со ресурси. Се водам по принципот „minimum effort – maximum benefit“. Тоа е мојот уметнички модус.


Трн: Делото „Живот и ламент“ ја доведува во прашање нашата етичка позиција кон животните. Колку е важно за тебе уметноста да биде морална изјава?
Јулија: Односот човек – животно е голема тема, како и моралот. Ќе одговорам кусо: Уметноста не смее да има сало.
Трн: Во Берлин неодамна имаше премиера на твојата инсталација „Sonic Milk“. Како настана проектот?
Јулија: Звукот може да нè храни исто како млекото – има своја хранлива вредност. Со Бенжамен Полен се запознав во Милано, потоа се роди идејата за „Sonic Milk“. Работевме во Париз, а потоа проектот беше прикажан во легендарната сала 1 во Funkhaus, во соработка со Monom4D Studio. Тоа беше искуство што тешко се повторува.
Трн: Често велиш дека звукот „едноставно постои“ и не мора да значи ништо. Каква трансформација може да предизвика звукот во човековата свест?
Јулија: Таму каде што зборот запира – звукот продолжува. Тој оди до сржта, до коската. Звукот е чувство, браново движење. Не носи порака, туку постоење. За мене тоа е најмоќната форма на енергија во универзумот.
Трн: Твоите перформанси често се изведуваат надвор од класични галериски простори – во месарница, на улица, на пазарче. Како просторот ја менува природата на делото?
Јулија: Просторот е суштински дел од делото. Секогаш барам „ситуационото“ – моментот кога нешто живее само во одреден контекст. Понекогаш тој контекст исчезнува, и тогаш перформансот станува ентитет сам по себе. Создавам звучни ситуации, шпекулативни фикции, фрагменти и искуства. Сè е во потрага по јазикот преку кој можам да комуницирам со сведоците.

Трн: На фестивалот „Егзит“ реализираше перформанс што „телепортираше“ луѓе само преку звук. Дали звукот навистина може да биде форма на патување?
Јулија: Апсолутно. Тоа е најбрзиот и најекономичен начин на патување – без пасош и без граници. Со еден тон можеш да бидеш во Костур, со друг во Јапонија. Звукот е патување во себе.
Трн: Велиш дека „дошло време за еволуција на човековата свест“. Како ја замислуваш таа следна фаза?
Јулија: Времето за тоа е одамна дојдено. Планетата вреска, сè е на раб – екоцид, апатија, потрошувачка култура… Следната фаза мора да биде радикално поетична: кога има војна – цртај цветови, пеј песни. Мора да се освестиме. Секоја промена почнува денес, во еден миг. Како што вели Џејн Гудол: „Секој ден имаш влијание врз светот. Прашањето е – какво влијание сакаш да имаш?“

Трн: Денес многу се зборува за зависноста на уметноста од институциите и пазарот. Колку финансиските услови ја ограничуваат слободата?
Јулија: Не е проблем кога делото завршува како стока – проблем е кога започнува како стока. Финансиските услови понекогаш можат да ти одземат, но и да ти дадат слобода. Кога имаш ограничени ресурси, мозокот работи побрзо и покреативно. Некои од моите најубави дела се создадени „за џабе“.
Трн: Имаше перформанс „Концерт за празни столчиња“ во Даут-пашиниот амам. Каква беше таа идеја?
Јулија: Ме интересираше што значи публика. Јас разликувам „жива“ и „нежива“ публика – столчиња, прозорци, тенџериња. Кога одржав концерт за празни столчиња, немаше аплауз, немаше его. Си заминав дома мирна. Тој мир ми се допадна повеќе од секој аплауз.
Трн: Имаш ли омилен перформанс?
Јулија: Немам. Перформансот постои само во моментот кога се изведува. Не може да се колекционира или продаде. Кога ќе се документира – исчезнува. Токму затоа ме фасцинира: тоа е алхемиски процес што постои низ исчезнување.

Трн: Што би сакала да почувствува македонската публика на твојата следна изложба?
Јулија: Би сакала директен доток на убавина во мозокот – еден соничен дијазепам, без рецепт и без пари.
Трн: Во 2023 настапи во МСУ со перформансот „Дијалог“. Повторно ќе настапиш таму оваа есен. Што можеш да ни откриеш?
Јулија: „Дијалог“ го започнав како разговор со институциите – буквално, стоев со глава потпрена на ѕидот на Министерството за култура. Тоа беше молчење што зборува. Перформансот ќе го продолжам на 29 октомври во МСУ, на отворањето на 15. Биенале на млади. Не откривам ништо повеќе – само ги поканувам сите да дојдат.
Трн: Како гледаш на односот меѓу уметноста и Министерството за култура?
Јулија: Најголемата опасност е што министерствата зависат од идеологијата на власта. А уметноста престанува да биде функционална кога е ставена во рамка. Културата мора да биде автономна, инаку се гуши.
Трн: Како новите технологии и вештачката интелигенција влијаат врз уметноста?
Јулија: Сигурна сум во едно: вештачката интелигенција никогаш нема да ја замени човечката глупост. А дали секој може да биде уметник? Секој што ќе стане човек – да. Но прашањето е: ако не станеш човек денес, кога?
Трн: Што е следно за тебе?
Јулија: Сега сум во резиденција во Casa Degli Artisti во Милано и подготвувам нова звучна инсталација наречена WALL. Ѕид во кој звукот се пренесува преку коските, не преку ушите. Ќе биде поставен на аеродромот во Бергамо. Потоа ме чека Берлин, соработка со Саша Валц, а потоа Индија.