Јубилејно 50. издание на МОТ: Македонските уметници што создаваат во Европа се враќаат дома

Фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) годинава го одбележува своето јубилејно 50. издание, кое ќе се одржи од 19 до 25 ноември во организација на Младинскиот културен центар – Скопје.

Под мотото „Нашите во светот“, програмата е посветена на македонските режисери, актери и сценски автори кои во изминатите години успеале да се етаблираат на европски и регионални сцени, а сега повторно гостуваат на домашниот терен со свои нови проекти.

Организаторите најавуваат внимателно курирана селекција на претстави, концерти и изложби, со јасна цел: да се истакне интернационалниот опус на македонските уметници и да се слави нивниот придонес во современиот театарски јазик. „МОТ отсекогаш бил простор за ризик, нови идеи и пресек на различни театарски естетики. Ова издание е омаж на оние наши автори што ја носат македонската школа со себе на светските сцени“, изјавуваат од МКЦ.

Отворање со „Лимениот добош“ – македонска екипа на сцената на ЈДП Белград

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Лимени барабан“ („Лимениот добош“) во режија и адаптација на Васил Христов, поставена во Југословенско драмско позориште – Белград. Станува збор за сценска адаптација на ремек-делото на Гинтер Грас, со проширена македонска екипа во која учествуваат композиторот Никола Коџобашија и сценографот Константин Трпеновски.

Режисерски потписи од регионот – силна македонска продукција

Во рамките на главната програма ќе бидат прикажани и низа други претстави создадени од македонски автори ангажирани во регионални театри:

  • „Куќа на граница“, режија Андреј Цветановски – Регионално позориште Нови Пазар (Србија)
  • „Поручникот од Инишмор“, режија Ѓорѓи Ризески – Адриана театар, Урошевац (Косово)
  • „Коштана“, режија Јана Маричиќ – Народно позориште Ниш (Србија)
  • „Кучето се засмеа“, режија Ана Батева – „Спам театар“, Софија (Бугарија)
  • „Граница“, режија Совран Нрецај – ОДА театар, Приштина (Косово)
  • „Врба“, авторска работа на Искра Шукарова
  • „Слугинки“, режија Агнес Нокшиќи

Во придружната програма, публиката ќе може да го доживее имерзивниот ВР-перформанс „Ехо од длабочината“ на Нина Николиќ и Борјан Стојков, како и концертите на групите „Звада“ и „Дис ис нот“ од Косово. Ќе биде отворена и изложба на Константин Трпеноски.

Затворање со „Мајка Храброст“

Фестивалот ќе заврши со претставата „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Новосадско позориште. Дел од авторскиот тим се Олга Панго, Валентин Светозарев и Сергеј Светозарев.

Плакатот за јубилејното издание го изработи Кристина Горовска.

Онлајн билети и поддршка

Целосната програма и распоредот се достапни на официјалната веб-страница mot.mk, каде што публиката може да купи онлајн билети. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.

Организаторите напоменуваат дека се задржува правото на можни измени во програмата, за што јавноста ќе биде навремено информирана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни