Јубилејното, 25-то издание на ОФФест ќе се одржи од 3 до 6 јуни со исклучително богата и разновидна програма која обединува артисти од дури 15 земји, со посебен акцент на африканската музичка сцена.
Организаторите најавуваат силен и внимателно селектиран состав на изведувачи, меѓу кои се Guitari Baro, BCUC, Nils Økland & Sigbjørn Apeland, Dobrila & Dorian, Raül Refree & Maria Mazzotta, како и африканските состави Les Amazones d’Afrique, Matchume Zango и Zawose Queens.
Првите три фестивалски вечери ќе се одржат во Национална опера и балет, додека завршницата на 6 јуни е резервирана за Младински културен центар, каде ќе се одржат концертите во Денсинг салата.
Во рамки на придружната програма, фестивалот ќе го прикаже и култниот бразилски документарен филм Elis & Tom, посветен на легендарната музичка соработка, кој ќе се емитува во кино „Фросина“ во МКЦ.
Со ова издание, ОФФест уште еднаш ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните музички фестивали во регионот, нудејќи колоритна, инспиративна и жанровски разновидна програма што ги поврзува традицијата и современите музички текови од целиот свет.
Билетите за фестивалот ќе бидат пуштени во продажба на 16 април.