Јубилејна 50-та изведба на „Торонто експрес“ во МНТ– хит претставата која зад хуморот крие тажна приказна

На 22 октомври, во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна јубилејна 50-тата изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.

По изведбата е предвиден коктел за публиката, заедно со екипата од претставата, музика и дружење.

„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци, колективно да се иселат во ветената земја. Адаптацијата на текстот ја направија: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.

Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувственост, остава силен и препознатлив печат во претставата. Еден од најангажираните актери на тековниот репертоар на МНТ, Микиќ, зад себе има повеќе од 60 театарски улоги на матичната сцена, 25 филмски и над 10 телевизиски остварувања. За неговото долгорочно и креативно творештво е наградуван со многубројни признанија, со што ја потврдува својата значајна позиција во македонскиот театар и филм.

„Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и досега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес“. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата.“, вели актерот Александар Микиќ.

Првпат, на ваков начин, споени се книга и претстава, со идеја да се промовираат македонската култура, издавачите, авторите и драматурзите. Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекти е различен. Иако се комплементарни, сепак, нудат различно доживување.

„Колегата Микиќ ми даде да го прочитам романот на Зоран Спасов, кој ја раскажува приказната за македонската емиграција во Канада, напишан на современ и хумористичен начин, многу близок на мојот сензибилитет. Сфатив дека можеме да го транформираме романот во драмска форма и така влеговме во проектот, кој беше многу инспиративен. Со Микиќ се познаваме многу долго и лесно се поврзавме, знаевме точно што сакаме да постигнеме. Процесот на подготовки траеше еден месец и, да бидам искрен, не бев свесен дека успеавме да направиме хит-претстава, која, еве, ја доживеа и 50-та јубилејна изведба.“, вели актерот и режисер Јордан Симонов.

Оваа феноменално духовита и извонредно напишана книга, зад хуморот крие тажна приказна. Иако и книгата и претставата ги насмејуваат читателите и гледачите, пораката боли. Зборува за животот, за нас, но истовремено го поставува и прашањето: „Како дојдовме на ова дереџе? Можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро…“

„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт) е документаристичка стрип-проза, фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус, „водич“ за идните печалбари и тазе имигранти.“, како што вели авторот Спасов, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, документарна и есеизирана, приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот свет.

Напишана на скопски сленг, книгата нуди нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем за иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и читлив, ведар и духовит начин.

Новите „печалбари“ се академски музичари што разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – експерти за гипс-картон. Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите, зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада.

Публиката ја препозна приказната што сите ја носиме во себе – за заминувањето, за копнежот, за дилемата меѓу тука и таму. Како што вели и самиот автор – „Преку претставата и преку книгата успеавме да ја отвориме темата на еден духовит, но и болен начин и да ја задржиме живата врска со македонската публика.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни