ЈСП „Скопје“ најави дека поради ниските температури и најавите за снег во Скопје и околината е можно привремено редуцирање на дел од автобуски линии. Во известување објавено на фејсбук-профилот на Град Скопје, од претпријатието наведуваат дека, доколку дојде до непроодност на улиците, дел од линиите ќе сообраќаат само до локации што ќе бидат оценети како безбедни и проодни за автобусите, согласно проценките на надлежните служби.
Од ЈСП додаваат дека ако не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ќе мора да се направат дополнителни измени, за што јавноста ќе биде навремено информирана. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи до завршувањето на зимскиот училиштен распуст.
Во соопштението се наведува и дека екипи на ЈСП, заедно со службите на Град Скопје и општините, ќе бидат на терен со соодветна механизација за превентивно делување и создавање услови за непречено функционирање на јавниот превоз.
Според најавите на УХМР, попладнево во Скопје се очекуваат повремени врнежи од дожд и снег, а во текот на ноќта врнежите да преминат во снег. Снежни врнежи се најавуваат и за утре.
