ЈСП ја продлабочува недовербата на младитe: Бесплатен превоз само за „вистински“ студенти

Одбивањето на продолжување на студентските билети за дел од редовните студенти од страна на ЈСП отвора прашања за транспарентноста, еднаквиот третман и начинот на кој институциите ги применуваат мерките за поддршка на младите.

Во текот на последната недела, јавниот превоз во Скопје повторно се најде во фокусот на јавната дебата – не само како техничко прашање за урбаната мобилност, туку како индикатор за функционирањето на основните јавни услуги кои директно влијаат врз секојдневниот живот на младите.

Според информации од инстаграм платформата Студентарија, ЈСП Скопје одбива да им ги продолжи билетите за бесплатен јавен превоз на дел од редовните студенти, што уште повеќе го нагласува проблемот. Станува збор за студенти на додипломски студии кои формално имаат активен статус, но им останале само еден или два предмета или одбраната на нивниот дипломскиот труд. За нив, ЈСП не одобрува продолжување на годишниот билет, под образложение дека „немаат доволно запишани предмети“, иако таков услов не е јавно објавен во критериуми или правилници на ЈСП, Град Скопје или друго надлежно тело.

Анализа спроведена од Трн.мк, базирана на онлајн анкета меѓу 914 млади, покажа дека огромното мнозинство односно 9 од 10 испитаниц, не се или се само делумно задоволни од системот на јавниот превоз. Таа анкета откри значајни проблеми: доцнења, гужви, недоволен капацитет, лоша организација на линии и проблеми со достапноста на ноќните услуги.

Јавниот превоз за многу млади, особено оние што зависат од него за да стигнат на факултет или на работа, не е само начин на транспорт, туку дел од фундаменталната инфраструктура што им овозможува учество во образовниот и економскиот живот. Кога системот не функционира, последиците се многу пошироки од обичните поплаки за неудобни возења.

Оваа практика, која според неофицијални извори, се применува со години, сега излегува на површина како конкретен пример на институционален проблем во функционирањето на јавниот превоз.

Правно уредување на бесплатниот превоз

Според јавно достапни информации од самото ЈСП, право на годишен студентски билет за бесплатен јавен превоз имаат сите полноправни студенти на државните факултети во Град Скопје до додипломски студии (прв циклус), без ограничување на возраст, но со услов да бидат редовно запишани и да го валидираат билетот за тековната година.

Потоа, официјално соопштение напоменува дека „Скопска“ картичка со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатен превоз, додека студентски индекс или други документи не се прифатени сами по себе.

Овој правен и административен контекст значи дека правото на бесплатен превоз формално постои, но неговата имплементација зависи од интерните процедури на ЈСП и од начинот на кој ги толкува критериумите за „редовен студент“.

Практична имплементација и проблеми во еднаквата примена

Она што е јасно е дека сегашната пракса на ЈСП, да одбива продолжување на билети поради „немање доволно запишани предмети“, не е поддржана со јасно објавени критериуми или официјални акти кои секој студент може да ги консултира. Тоа создава правна и институционална нејасност, што заедно со општите проблеми во системот на јавниот превоз создава чувство на неправда и дискриминација, особено кај оние што се во завршна фаза од студиите.

Студентите кои се соочуваат со оваа ситуација укажуваат дека дипломскиот труд продолжува да го зголемува нивниот активен студентов статус, бидејќи тој е дел од додипломските студии и се запишува преку факултетите. Сепак, ЈСП не го третира вака, што остава нееднакв третман во однос на други редовни студенти кои продолжуваат со билетот без проблеми, иако технички и формално условите им се исти.

Дополнително, не е јасно кој орган или регулаторни акти ги дефинираат правилата што ги применува ЈСП: дали тие произлегуваат од интерни акти на ЈСП, од Град Скопје, од Министерството за образование или од друга надлежна институција. Ова отвора дополнителни институционални прашања за одговорност, транспарентност и правична процедура.

Поврзување со пошироката слика на јавниот превоз

Анализата на Трн.мк откри дека јавниот превоз во Скопје е најчесто процес што функционира со недоволна функционалност: долгите чекања, непостојани линии, ограничен ноќен превоз и недоволна организација се секојдневие за мнозинството млади корисници.

Во таков контекст, правото на бесплатен превоз за студентите се гледа како важна социјална придобивка, но и како мерило за тоа колку системот навистина им служи на оние што најмногу зависат од него. Ако ова право е условено со нејасни интерни практики, тоа го продлабочува чувството на правна несигурност и ја потенцира потребата од системски реформи.

До овој момент, и покрај испратените официјални прашања до ЈСП Скопје за појаснување на критериумите и основата врз која се одбива продолжувањето на студентските билети, нема јавно објаснување ниту официјален одговор. Ваквиот молк остава простор не само за дополнително незадоволство кај студентите, туку и за сериозно правно и институционално преиспитување на практиката што се применува со години.

Натамошниот развој на ситуацијата ќе зависи од тоа дали ЈСП и Град Скопје ќе излезат со јасни и формализирани критериуми кои недвосмислено ќе ги уредуваат правата на студентите во завршна фаза од студиите, дали ќе се воспостават транспарентни механизми за приговор и заштита од нееднаков третман, како и дали ќе се отвори поширока дебата за системските слабости на јавниот превоз кои одамна ги надминуваат поединечните случаи.

Доколку овие прашања останат без одговор, искуството на студентите кои се соочуваат со одбивање за продолжување на билетите ќе продолжи да биде уште еден показател за длабокото и веќе документирано незадоволство од јавниот превоз во Скопје, потврдено и преку претходните анкети и анализи.

Кога мерката станува порака

Бесплатниот јавен превоз за студентите не е прашање на привилегија, туку на јавна политика што треба да обезбеди еднаков пристап до образование и секојдневно функционирање во градот. Тој е дел од поширокиот систем на поддршка за младите, кој треба да биде јасно уреден, предвидлив и применлив за сите под исти услови. Кога тие услови не се јасно дефинирани, а нивната примена зависи од неформални толкувања, се нарушува не само правната сигурност, туку и основното чувство за правичност.

Одбивањето на продолжување на студентските билети не е изолиран инцидент, туку конкретен пример за проблемите што веќе беа детектирани во претходната анализа на Трн за состојбите во јавниот превоз. Наместо да биде коректив на нефункционалниот систем, мерката за бесплатен превоз ризикува да стане уште еден извор на фрустрација и недоверба, особено кога се применува без јасна правна логика и без јавна одговорност.

Доколку институциите продолжат да молчат и да не понудат транспарентни и правно утврдени решенија, незадоволството кај младите ќе продолжи да се акумулира. Во таков контекст, проблемот повеќе не се сведува само на јавниот превоз, туку на поширокото прашање за тоа како државата ги препознава и третира младите како рамноправни корисници на јавните услуги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни