До јуни ќе функционираме со 180 автобуси во ЈСП

Во интервју за „Слободен печат“, градоначалникот вели дека новите автобуси се очекуваат во јуни

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во интервју за „Слободен печат“ изјави дека јавниот превоз ќе продолжи да функционира со околу 180 автобуси најмалку до јуни, кога се очекува пристигнување на новите возила од тековниот тендер.

Одговарајќи на прашање зошто на апликациите се прикажуваат едни термини за доаѓање на автобусите, а на терен автобусите ги нема, Ѓорѓиевски рече дека ќе провери и ги повика граѓаните да реагираат до Град Скопје и до ЈСП.

„Најпрво имаше информација пред неколку дена во јавноста дека 150-тина автобуси биле секојдневно ставани во функција, уште 30 плус се поправени, а стоеа по гаражите изминатиов период. Значи околу 180 автобуси имаме како јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје коишто се обраќаат на линиите низ градот. Ќе морам да проверам, доколку има точна информација или забелешка од некој од граѓаните, еве апелирам да реагираат до градот Скопје, но и до јавното сообраќајно претпријатие. Откако ќе ни стигнат новите 100 автобуси од Владата, 30 автобуси преку БРТ, тогаш ние ќе можеме да дискутираме ако имаме некоја аномалија дека ние не сме напраиле се. Но во моментов јас давам се од себе со тоа што располагаме да го ставиме во целосна функција за граѓаните“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека новите автобуси од тендерската постапка се очекуваат во јуни.

Во интервјуто за „Слободен печат“, градоначалникот зборуваше и за други градски прашања. Наведе дека Град Скопје годишно плаќа околу половина милион евра за судски трошоци и отштети поврзани со каснувања од улични кучиња. Најави зголемување на буџетот за „Лајка“, како и уредување на парк во рамки на прифатилиштето.

Во однос на Луна парк, Ѓорѓиевски изрази очекување дека ќе биде пуштен во употреба во јуни 2027 година. За БРТ-проектот најави дека тендерот се очекува во втората половина на 2026 година, а реализацијата да започне на почетокот на 2027 година.

Според најавите, до пристигнувањето на новите автобуси во јуни, јавниот превоз ќе продолжи да функционира со постојниот возен парк од околу 180 автобуси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни