Првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, ја доби наградата за најдобар анимиран филм на Фестивалот за научно-фантастични филмови во Мајами (MiSciFi). Тој претставува еден од позначајните американски фестивали посветени на научната фантастика, фантазијата и хоророт.
Филмот е во режија на Гоце Цветановски и досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде освои вкупно седум награди. Покрај кино-дистрибуцијата во Македонија, анимираниот филм бил прикажан и во кината во Бугарија и Унгарија, а од продукцијата најавуваат дека во наредниот период се очекува и дистрибуција во други земји.
Режисерот Гоце Цветановски вели дека признанието има посебно значење за целата екипа.
„Многу сум радосен што во последниве години македонскиот филм бележи значајни успеси и се позиционира сè поцврсто на меѓународната сцена. Ова е наша прва награда во САД, а се надевам дека до крајот на фестивалската кариера на филмот ќе имаме уште убави новости за споделување“, изјави Цветановски.
Арт директор на филмот е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.