Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами

Македонскиот анимиран филм е селектиран на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали за научна фантастика

Анимираниот филм Јон Вардар против галаксијата, во режија и сценарио на Гоце Цветановски, ќе ја има својата американска премиера на Miami Science Fiction Film Festival, каде што е вклучен во официјалната селекција. Фестивалот важи за еден од најзначајните специјализирани настани за научнофантастичен филм во САД.

Miami Science Fiction Film Festival со години привлекува автори, продуценти и визионерски проекти од целиот свет, а препознатлив е по својот фокус на иновативни и авторски дела од жанрот. Во претходните изданија, меѓу специјалните гости се појавил и Џорџ Р. Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит-серија Игра на тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен меѓународен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера Јон Вардар против галаксијата ја имаше на Sitges Film Festival во Шпанија, еден од најголемите и највлијателни жанровски фестивали во светот.

Досега филмот е прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали и има освоено шест награди, што го позиционира како едно од најуспешните македонски анимирани остварувања во последните години.

„Мала културна револуција“

„Среќен сум што преку овој филм не само што ѝ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави режисерот и сценарист Гоце Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски. Арт директор на проектот е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, додека продуцент е Алан Кастиљо.

Селекцијата на „Јон Вардар против галаксијата“ на американски фестивал од ваков ранг доаѓа во период кога македонската анимација и независна кинематографија сè почесто се појавуваат на значајни светски фестивали, отворајќи простор за нови авторски гласови и меѓународна видливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни