„Јинг-Јанг“ вечерва во Филхармонија со Маки Окада и Теди Папаврами

Јапонската пијанистка и светски познатиот виолинист, познат и по улогата во серијата „Опасни врски“, настапуваат како солисти со оркестарот на Филхармонијата

Вечерва (22 јануари), со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе одржи концерт насловен „Јинг-Јанг“, на кој како солисти ќе настапат виолинистот Теди Папаврами и пијанистката Маки Окада.

Со оркестарот ќе диригира Олси Кинами, а програмата вклучува увертира од операта Крадливата страчка од Џоакино Росини, Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во Д-дур, оп. 6 од Николо Паганини, како и Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во е-мол, оп. 11 од Фредерик Шопен.

Теди Папаврами е роден во Тирана во 1971 година и почнал да свири виолина на само четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнал кај својот татко Роберт Папаврами, а веќе на осум години настапил со Тиранската филхармонија. Денес живее и работи во Женева, каде што е професор по виолина.

Покрај богатата музичка кариера, Папаврами е познат и на пошироката публика по улогата на Рафаел Дансени во минисеријата Опасни врски од 2003 година.

Маки Окада, по завршувањето на студиите во Токио, своето образование го продолжила во Франција. По враќањето во Јапонија работела како концертна пијанистка, одржувајќи бројни рецитали, како и настапи како солистка со оркестри и камерни ансамбли во земјата и странство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни