Францускиот институт во Скопје и Фестивалот ТАНЦ-ФЕСТ на затворањето на 21. издание на ТАНЦ-ФЕСТ ja донесоа иновативната и интерактивна танцова претстава „MYSELVES“, на француската група K. DANSE. Настанот кој одржа во вторник, во Македонскиот народен театар беше празник за љубителите на танцот .
Оваа извонредна танцова претстава е дијалог помеѓу танчерот и неговите повеќекратни идентитети, отелотворени во визуелно и звучно единство. Танцовата креација ги вкрстува современиот танц и дигиталната уметност, прикажувајќи интеракција помеѓу изведувачот и неговите многубројни лица низ најразновидни трансформации. Со употреба на телесни и оптички сензори, танчерката нè внесува во единствено ументичко искуство каде површините за проекција стануваат портали кон невидливото, а виртуелните идентитети на изведувачот се појавуваат и исчезнуваат.
Во ексклузивен разговор за Трн, Jean-Marc Matos, кореограф на претствата ни го открива неговиот пристап кон танцот, неговата повзаност со социјалните, политичките или еколошките прашања, како и одговорноста на современиот танц да се занимава со актуелните глобални предизвици.

Tрн: Како би го опишале вашиот пристап во создавање движење и значење преку танцот?
Jean-Marc: Мојот пристап е спој на телесно истражување и дигитална експериментација. Движењето го доживувам како медиум за истражување — начин на поставување прашања за идентитет, време и присуство, особено во релација со технологијата. Во дела како Myselves и Immortal(s), ја истражувам фрагментираната, мултиплицирана личност во дигитални средини. Движењето станува дијалог помеѓу човечкото и машинското, органското и алгоритамското. Често работам со сензори, вештачка интелигенција или генеративни визуелизации кои реагираат во реално време, така што значењето никогаш не е фиксно – туку се развива преку интеракција, повторување, па дури и неуспех.
Tрн: Како социјалните, политичките или еколошките прашања влијаат врз вашите уметнички избори?
Jean-Marc: Овие прашања се клучни за мојата работа. Ме интересира како телата се обликувани и често ограничени од технолошки инфраструктури, социјални кодови и еколошки кризи. Дела како F_AI_L и RCO директно се соочуваат со овие сили, поставувајќи прашања за системи на контрола, автоматизација и распад. Кореографијата ја користам како алатка за телесно изразување на отпор, комплексност и нијансираност. Без разлика дали преку учество на публиката или преку интерактивни системи, настојувам да создадам простори каде што моќта може да се почувствува, преиспита или преобликува.

Tрн: Дали сметате дека современиот танц има одговорност да се занимава со актуелните глобални предизвици?
Jean-Marc: Не како обврска, туку како можност. Танцот може да пристапи до нешта што зборот и сликата не можат, открива како системите се чувствуваат во самото тело. Во дела како Eternity и F-Z 25, истражувам како се однесуваме кон времето, смртноста и забрзувањето во свет воден од податоци и дигитална постојаност. Тоа се длабоко современи прашања, а танцот нуди начин да се забави темпото, да се преиспита брзината на промените и да се поврземе повторно со материјалноста на човековото постоење. Понекогаш, дури и само забавувањето или создавањето простор за присутност, претставува тивок чин на отпор.
Tрн: Кој момент досега би го издвоиле како пресвртница во вашата кариера?
Jean-Marc: Создавањето на Myselves, а потоа и F_AI_L, беа клучни моменти. Тоа беше првпат кога му дадов вистинска агенда на еден пред-AI и AI систем во процесот на кореографија — не само како алатки, туку како соизведувачи. Деловите реагираа во реално време на податоци од движењето, понекогаш на неочекуван начин, што доведе до генеративен процес во кој контролата и грешката коегзистираа. Тоа ме научи да ја прифатам нестабилноста и да ја гледам неизвесноста како простор за иновација, нешто што и денес го носам со себе во сè што правам.

Tрн: Кој совет би им го дале на млади кореографи и танчари кои денес влегуваат во ова поле?
Jean-Marc: Размислувајте пошироко од сцената. Истражувајте код, сензори, архиви, ритуали, софтвер, мрежи. Танцот не е само за телото, туку и за релациите: помеѓу тела, технологии, идеи и публика. Работете колаборативно. Научете да комуницирате преку различни дисциплини. И не се плашете да дозволите вашето дело да поставува прашања на кои сè уште немате одговор. Токму во таа неизвесност се раѓаат најживите и најзначајните дела.
Tрн: Како се чувствувате во Скопје? Дали ова е вашето прво претставување пред македонска публика?
Jean-Marc: Да, ова е моја прва посета на Скопје и исклучително сум возбуден што имаме можност да го споделиме нашето дело со македонската публика. Претставуваме дело кое поставува дијалог помеѓу танчерка и нејзините повеќекратни „јас“ — дигитална визуелна и звучна креатура што се појавува од нејзината психа, интерпретирана преку оптички и телесни сензори. Едвај чекам да видам како ова ќе одекне тука. Исто така, љубопитен сум да дознаам повеќе за тоа како уметниците во Скопје работат со современ танц и хибридни форми.
Ова го гледам како почеток на поширок дијалог. Верувам дека токму преку ваквите средби се раѓаат највозбудливите идеи, и се надевам дека оваа посета ќе отвори пат за идни соработки и размена.