„JAZZOTERIA“ – циклус на џез концерти со врвни македонски музичари во Скопје

Шест соло настапи на Гордан Спасовски, Дуња Иванова, Тони Китановски, Георги Шарески, Оливер Јосифовски и Ѓоле Максимовски ќе се одржат во аудиоцентарот Аудиокултура.

Продуцентската куќа Трето Уво организира нов циклус на концерти под наслов „JAZZOTERIA“, серија од шест ексклузивни настапи на истакнати македонски џез музичари што ќе се одржат во аудиоцентарот Аудиокултура во Скопје.

Циклусот „JAZZOTERIA“ има за цел да придонесе за поголема промоција и афирмација на современата македонска џез сцена. Во рамките на програмата ќе настапат Гордан Спасовски, Дуња Иванова, Тони Китановски, Георги Шарески, Оливер Јосифовски и Ѓоле Максимовски.

Секој од уметниците ќе одржи соло рецитал, претставувајќи ја својата лична музичка визија и импровизациски пристап, карактеристичен за џезот. Концептот на концертите е замислен како интимен и автентичен музички формат, во кој публиката ќе има можност да ги слушне музичарите во блиска и акустично прецизна атмосфера.

„JAZZOTERIA има за цел да ја поттикне промоцијата и популаризацијата на сè поквалитетната македонска џез сцена, која во последните години се развива со силна креативна енергија и со музичари што се препознатливи и надвор од земјата. Преку овие концерти се отвора простор за директна комуникација меѓу уметниците и публиката, како и за ново доживување на современиот џез израз“, изјави Иво Јанкоски, продуцент на проектот.

Организатор на циклусот е продуцентската куќа Трето Уво, која со години активно делува на македонската музичка сцена преку организација на концерти, фестивали и музички проекти. Компанијата се етаблира како значаен двигател во промоцијата на современата македонска музика и нејзиното претставување пред меѓународната публика.

Со оваа серија концерти, аудиоцентарот Аудиокултура повторно се позиционира како важно место за врвни музички доживувања и поддршка на домашните уметници, создавајќи платформа каде македонскиот џез може да се слушне во својата најчиста и најинтимна форма.

Циклусот на концерти „JAZZOTERIA“ е поддржан од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни