Поради предупредувачкиот штрајк на синдикатот Верди, денеска речиси во цела Германија е целосно парализиран градскиот и приградскиот јавен превоз. Автобусите, трамваите и метрото не сообраќаат, оставајќи милиони луѓе без вообичаениот превоз до работа и училиште.
Според синдикатот, штрајкот ги опфатил речиси сите 16 сојузни покраини. Исклучок е Долна Саксонија, каде за околу 5.000 вработени сè уште важи обврската за таканаречен „социјален мир“, поради што таму нема прекин на работата.
И покрај застојот во сообраќајот, вработените и учениците немаат право да отсуствуваат од работа или настава. Тие се должни сами да пронајдат алтернативен превоз и навреме да стигнат на своите обврски, предупредува адвокатот за управно право Вилхелм Ахелпелер.
Ситуацијата дополнително ја отежнуваат и неповолните временски услови. Германската метеоролошка служба (DWD) предупредува дека во делови од земјата сè уште постои опасност од леден дожд и голомразица, што ги прави патиштата опасни и го отежнува движењето со автомобил или велосипед.
За разлика од градскиот превоз, регионалните и S-Bahn возовите на Deutsche Bahn сообраќаат според редовниот возен ред. Од државната железничка компанија информираат дека системите на градската железница во Берлин, Хамбург, Минхен, Штутгарт, Келн, Нирнберг и регионот Рајна-Мајна, како и регионалните и меѓуградските DB возови, не се опфатени со штрајкот, бидејќи синдикатот Верди не ги застапува нивните вработени.
