МЖСПП ќе организира јавна расправа за дозволата за „Усје“

Министерството за животна средина најави јавна расправа за обновување на А-интегрираната дозвола за цементарницата „Титан Усје“, на која ќе бидат поканети граѓански организации, експерти и сите засегнати страни.
Foto: „Титан Усје“

По протестната блокада што вчера се одржа пред Министерството за животна средина и просторно планирање, институцијата најави дека ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на А-интегрираната дозвола за цементарницата „Титан Усје“.

Активисти и граѓани вчера пред министерството организираа симболична „јавна расправа“, со порака дека внимателно го следат процесот за новата дозвола и дека ќе бараат поголема транспарентност во постапката што ќе ги одреди условите за работа на фабриката во наредните години.

Според активистите, досегашната дозвола, издадена во 2020 година, дозволувала повисоки емисии на штетни честички во споредба со некои цементарници на истата компанија во други европски земји. Тие бараат новата дозвола да биде усогласена со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните мора да има приоритет пред економските интереси.

Во реакција на протестот, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека министерот Муамет Хоџа го почитува и поддржува правото на мирен протест како демократско право на граѓаните и дека институцијата останува посветена на транспарентност и отвореност во процесите.

Оттаму најавија дека ќе биде организирана јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за „Усје“, за што веќе е поднесено барање. На расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност.

Од министерството додаваат дека суштинскиот придонес во ваквите процеси се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки, а граѓанскиот сектор го сметаат за важен партнер во напорите за заштита на животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни