Издавачката куќа„Панили“ ја објави „Јатки од зборови“ – нова книга од бардот на македонската книжевност за деца, Стојан Тарапуза.
Објавувањето е на Светскиот ден на книжевноста за деца, а песните што ја сочинуваат „Јатки од зборови“ се создавани спонтано и во подолг временски период.
Содржински се разликуваат едни од други, но во однос на пораките што ги сугерира книгата се многу слични. Тоа на книгата ѝ дава посебен белег.
Нејзините поглавја, дваесет и шест на број, се со богата содржина и се одвиваат во разговорна форма којашто е исклучително важна за детето. Книгата „Јатки од зборови“, како што е нагласено во рецензијата, и тоа во рима: „заличува на вазна од зборови и на гоблен извезан од прашања и од одговори“. Во однос на стилот, на формата и на структурата таа е во духот на богатиот книжевен опус на Стојан Тарапуза, со препознатливата игра на звучноста и поучноста во стиховите.
Со стиховите на Тарапуза израснаа многу генерации, а денес, кога тој е дел од македонскиот книжевен канон, неговото најново творештво се издвојува како највредното од поезијата за деца и за генерациите на 21. век.
Во десеттата деценија од својот живот, Тарапуза важи за еден од најпродуктивните македонски писатели воопшто, со активен творечки опус.