Јапонската „Железна дама“ ја презема власта: Санае Такаичи станува прва жена премиер

Јапонија избира прва жена премиер во историјата – Санае Такаичи. Конзервативна, силна и контроверзна, Такаичи се соочува со економски и политички предизвици.

Јапонија е на прагот на историски момент – денес се очекува пратениците да ја изберат Санае Такаичи за прва жена премиер во историјата на земјата. Оваа 64-годишна конзервативна лидерка, позната како јапонската „Железна дама“ и обожавателка на Маргарет Тачер, доаѓа на чело на Либерално-демократската партија (ЛДП) по два неуспешни обиди.

Нејзиниот избор доаѓа во време на серија скандали во партијата, кои резултираа со четворица премиери за само пет години, пишува BBC.

Кој е профилот на јапонската Железна дама?

Санае Такаичи, штитеничка на покојниот премиер Шинзо Абе, припаѓа на тврдото крило на ЛДП. Таа е позната по своите конзервативни ставови – се спротивставува на истополови бракови и на закони кои дозволуваат брачни партнери да имаат различни презимиња.

Исто така, има цврст став кон имиграцијата, велејќи дека ќе го спречи пристапот за посетители и мигранти што ги кршат правилата.

Родена е во 1961 година во префектурата Нара. Како млада била пасионирана тапанарка во хеви метал бенд, а политички се активирала во 1980-тите, во време на трговски тензии меѓу САД и Јапонија. Првпат била избрана во парламентот во 1996 година.

Што ја очекува како премиерка?

Такаичи ќе се соочи со сериозни предизвици: Успорена економија, комплицирани односи со САД, скандали и внатрешни поделби во партијата и обид за обединување на владејачкиот ЛДП

Пазарите ја поддржаа

Берзите во Јапонија позитивно реагираа. Индексот Nikkei 225 скокна за 1.5%, надминувајќи 49.900 поени. Инвеститорите го поздравија нејзиниот план за зголемување на државната потрошувачка, намалување на даноци и притисок врз централната банка да ги забави каматните стапки

Но, постои загриженост дека ваквите мерки може да предизвикаат поголемо задолжување на државата.

Како се избира премиер?

Пратениците од Горниот и Долниот дом на парламентот ќе гласаат. За мнозинство во Долниот дом се потребни 233 од 465 гласови, а во Горниот 124 од 248. Првиот круг почнува во 13:30 по локално време. Ако Такаичи добие мнозинство, веднаш ќе биде избрана. Ако не, следува втор круг.

Нејзиниот пат до функцијата е олеснет со договор со Јапонската иновациска партија (JIP), кој ѝ обезбеди поддршка блиска до мнозинство.

По изборот, ќе биде објавен новиот владин кабинет, а првата прес-конференција на новата премиерка се очекува дури доцна навечер.

Жените во јапонската политика

Изборот на првата жена премиер во Јапонија е симболичен чекор во општество каде што промените одат бавно. Новинарката Марико Ои се потсетува на разочарувања кога партиите кандидирале славни личности без политичко искуство, само за да добијат гласови.

Нејзината пријателка, пратеничката Риса Камио, раскажала анегдота од почетокот на мандатот: ѝ било речено дека состаноците траат цела ноќ. Но, кога биле избрани повеќе мајки, состаноците биле скратени.

„Нема повеќе ноќни состаноци – само затоа што има повеќе жени во парламентот“, изјавила Камио.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни