Јапонската премиерка свика состанок во 3 часот по полноќ: „Ноќе спијам околу два часа“

Јапонската премиерка Санае Такаичи откри дека спие само два до четири часа навечер, што предизвика сериозна загриженост за нејзината посветеност на подобрување на рамнотежата меѓу работниот и приватниот живот во земјата во која работниците веќе со години се соочуваат со преголеми оптоварувања.

Укажувајќи на подочниците, Такаичи призна пред пратениците дека функционира со минимален сон – навика што ја споделува со својата политичка хероина Маргарет Тачер, пренесува The Guardian.

Состанок во три часот наутро

Минатата недела Такаичи ја шокираше јавноста откако ги повика своите соработници во канцеларија на состанок во 3 часот по полноќ за подготовка за седница на буџетскиот одбор, која требаше да започне само шест часа подоцна. Ова се случи неколку недели по нејзиното стапување на функцијата – како прва жена премиер во историјата на Јапонија – кога вети дека ќе „работи, работи, работи, работи и работи“.

„Сега спијам околу два часа, а најмногу четири“, изјави таа на седница на парламентарен одбор оваа недела. „Веројатно тоа лошо делува на мојата кожа.“

Проблематична работна култура

Јапонското општество со години се обидува да се справи со вкоренетата корпоративна култура што очекува долги работни часови и присуство на социјални активности по работа. Прекумерната работа е поврзана со зголемувањето на случаите на „кароши“ – смрт од преработеност – а истовремено придонесува и за намалување на наталитетот, бидејќи ги исцрпува младите парови.

Постои страв дека Такаичи ќе очекува уште поголем напор од работниците во обид да го стимулира економскиот раст, особено затоа што нејзината влада моментално разгледува можност за зголемување на максималниот број дозволени прекувремени часови.

Сепак, премиерката изјави дека здравјето на работниците ќе биде примарен приоритет при сите измени на работните услови. „Ако можеме да создадеме услови во кои луѓето ќе можат да ги усогласат грижата за деца или постари лица со работата, да уживаат во слободното време и да се опуштат – тоа би било идеално“, рече Такаичи.

Загриженост кај сојузниците и противниците

Откако на почетокот на октомври беше избрана за претседателка на Либерално-демократската партија, што подоцна ја донесе до премиерската функција, Такаичи изјави дека лично ќе се „откаже од идејата за рамнотежа меѓу работа и приватен живот“ и ги повика своите партиски колеги „да работат како коњи“.

Нејзиното темпо предизвика реакција и кај сојузниците и кај опозицијата. Функционерот од ЛДП и поранешен министер за економија Кен Саито изјави дека е „искрено загрижен“ за нејзиното здравје. Опозицискиот пратеник Кацуухито Накаџима ја повика да спие повеќе – на што Такаичи одговори со кимнување и насмевка.

Иако никој не се доближува до нејзините два до четири часа сон, истражувањата покажуваат дека Јапонците и генерално спијат помалку од меѓународниот просек. Студија објавена по повод Светскиот ден на спиењето во март покажала дека работните денови Јапонците спијат во просек 7 часа и 1 минута – или 38 минути помалку од светскиот просек.

Преоптоварен распоред и нови предизвици

Такаичи имала малку време за одмор откако на крајот на октомври стана премиерка. Веднаш заминала на самитот на АСЕАН во Малезија, потоа беше домаќин на државната посета на Доналд Трамп, а се сретна и со кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на АПЕК во Јужна Кореја.

Дополнителен притисок ѝ создава и продлабочувањето на спорот со Кина, откако изјави дека Јапонија би можела воено да се вклучи во конфликтот во Тајванскиот теснец – изјава што веројатно ќе ѝ донесе уште многу непроспиени ноќи.

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни