Коалицијата предводена од јапонската премиерка Санае Такаичи оствари историска изборна победа, обезбедувајќи двотретинско мнозинство во Долниот дом на парламентот, со што се отвора патот за најавените даночни резови и значително зголемување на воените трошоци, насочени кон спротивставување на растечкото влијание на Кина.
Либерално-демократската партија (ЛДП) на Такаичи освои 316 од вкупно 465 пратенички места, што претставува најдобар изборен резултат во историјата на партијата. Заедно со коалицискиот партнер, Партијата на јапонските иновации, владејачкиот блок контролира 352 пратенички места, со што е обезбедено двотретинско супер-мнозинство.
Таквиот распоред на силите ѝ овозможува на владата да го надгласа Горниот дом на парламентот, каде што нема мнозинство, и значително ја олеснува реализацијата на нејзината законодавна агенда.
„Овие избори вклучуваа големи промени во политиките – особено во економската и фискалната политика, како и во безбедносната стратегија“, изјави Такаичи во телевизиско интервју додека пристигнуваа изборните резултати. „Тоа се политики кои предизвикаа силни отпори. Ако ја добивме поддршката од јавноста, тогаш мораме со целосна посветеност да се соочиме со тие прашања“, додаде таа.
Трамп ѝ честиташе на Такаичи
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ честиташе на јапонската премиерка за изборниот успех, посакувајќи ѝ „голем успех во спроведувањето на конзервативната агенда – мир преку сила“, објави тој на социјалните мрежи.
Бирачите, особено помладите, беа привлечени од нејзината директност и имиџот на вредна и решителна политичарка. Сепак, нејзиниот изразен националистички тон и силниот фокус на безбедноста дополнително ги затегнаа односите со Кина, додека најавите за даночни олеснувања предизвикаа вознемиреност на финансиските пазари.
Даночни олеснувања под лупа на инвеститорите
Во кампањата, Такаичи вети укинување на 8-процентниот данок на промет на храна, со цел да им помогне на домаќинствата во справувањето со растечките трошоци за живот. Овој потег, сепак, ги загрижи инвеститорите поради прашањето како Јапонија земја со највисок однос на јавен долг меѓу развиените економии ќе го финансира намалувањето на приходите.
Таа во неделата изјави дека ќе го забрза разгледувањето на намалувањето на данокот, но со посебен акцент на фискалната одржливост. „Плановите за намалување на потрошувачките даноци отвораат сериозни прашања за финансирањето и долгорочната одржливост“, оцени Крис Скилуна од Daiwa Capital Markets Europe.
Поддршка од младите и „Санае-манија“
ЛДП, која владееше со Јапонија речиси во целиот повоен период, во изминатите 15 месеци ја загуби контролата над двата дома на парламентот под водство на поранешниот премиер Шигеру Ишиба. Такаичи успеа да го врати влијанието на партијата, благодарение на силната поддршка од младите гласачи.
Во јавноста се појави и феноменот наречен „санакатсу“ или „Санае-манија“. Лични предмети на премиерката, како нејзината чанта или розовото пенкало со кое пишува белешки во парламентот, станаа вистински хит.
Затегнати односи со Кина
Неколку недели по стапувањето на должност, Такаичи го предизвика најголемиот дипломатски спор со Пекинг во последната деценија, изјавувајќи дека Токио би можел да одговори на евентуален кинески напад врз Тајван. Кина возврати со низа контрамерки, вклучително и апели до своите граѓани да не патуваат во Јапонија.
Претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, беше меѓу првите странски лидери што ѝ честитаа, изразувајќи надеж дека нејзината победа ќе донесе „попросперитетна и побезбедна иднина за Јапонија и неговите партнери во регионот“.
Силниот мандат на Такаичи може дополнително да ги забрза плановите за јакнење на јапонската одбрана, што предизвикува загриженост во Пекинг. Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми изјави дека земјата ќе продолжи да ги зајакнува одбранбените капацитети, но и да го одржува дијалогот со Кин
